Владимир Путин - Photo: Profimedia

Што може да направи Путин ако Вучиќ го разгневи за НИС?

Рускиот претседател Владимир Путин има на располагање низа мерки со кои, ако сака и ако процени дека му е во интерес, може економски и политички да влијае врз случувањата во Србија доколку не му се допадне решението што Србија ќе го избере за проблемот со Нафтената индустрија на Србија (НИС) поради американските санкции, велат соговорници на српскиот портал „Данас“.

Во наредните денови Белград треба да го соопшти начинот на кој, на барање на САД, ќе ги отстрани Русите од сопственичката структура на НИС, а притоа да не ги загрози односите со Москва.

За можните негативни потези на Путин по одлуката на претседателот Александар Вучиќ и Владата зборуваше и Алекандар Вулин, основач на Покрет социјалиста, за кого дел од јавноста тврди дека е застапник на руските интереси во Србија.

Вулин смета дека санкциите за НИС биле воведени со цел трајно да се нарушат односите меѓу Србија и Русија. Тој предупреди дека Русија може да ја повлече својата поддршка за Србија доколку, како што рече, Западот покрене нов бран уцени и притисоци за признавање на т.н. Косово, напуштање на Република Српска и прифаќање дополнителни законски промени сè до „федерализација на Србија“ и враќање на границите од Берлинскиот конгрес.

Први ефекти – поради американските санкции, НИС не може да го преземе танкерот со нафта дојден во Хрватска

Во такви околности, се отвора прашањето дали Путин ќе може и ќе сака да се вмеша во внатрешните работи на Србија доколку Вучиќ навистина го „разгневи“, само неколку месеци откако во Москва изјави дека сите руски фирми се добредојдени во Србија.

„Не е до парите, туку до влијанието“

Геополитичкиот и безбедносен консултант, Никола Луниќ, за „Данас“ вели дека национализацијата на НИС е очигледно единствениот потег што може да ја задоволи актуелната администрација во Вашингтон и дека Москва е свесна дека Србија на тој начин се обидува да ја „спаси сопствената егзистенција“.

— Тоа сигурно ќе предизвика поостри изјави од официјална Москва, без тон на добрососедство. Но, извесно е дека Русија нема да го загрози долгодишниот влијателен статус што го има во Србија и регионот. НИС не им служеше како профитабилна компанија, туку како финансиски алат за хибридни дејства не само во Србија, туку и во регионот. Вредноста на НИС за Москва е мала, таа има замрзната имотна вредност од 300 милијарди долари на Запад, а уделот во НИС е само капка во морето и не ги загрозува нејзините финансиски интереси. Но, може да го загрози нејзиното влијание во регионот, кое Москва ќе се обиде да го компензира со други методи. Парадоксално, по национализацијата можеме да очекуваме и подобар гасен договор отколку кога било — објаснува тој.

Тој додава дека во такви односи, „Србијагас“ ќе треба да ја преземе улогата што НИС ја имал во одредени хибридни проекти.

„Гласачите на Вучиќ го сакаат Путин повеќе од својот лажен маршал“

Според Луниќ, Русија може да реши проблеми поврзани со својот регионален и глобален влијателен статус само со администрацијата на Доналд Трамп, каде што Србија е ирелевантен фактор.

— Тоа го знае и Кремљ. Претседателот Вучиќ и Србија не се релевантни преговарачи во тој контекст. Москва ќе знае дека Србија со национализацијата само се обидува да ја заштити својата егзистенција. И ќе знае дека какви било агресивни потези можат да предизвикаат отпор кај српскиот народ во целина, што Русија не го сака. Затоа, најверојатно, освен вербални дипломатски реакции, нема да има драстични потези — вели тој.

Поинаков став има историчарот и политички аналитичар Драгомир Анѓелковиќ. Тој за „Данас“ вели дека Русија може на многу начини да одговори доколку Вучиќ преземе чекори што Москва би ги протолкувала како удар врз нејзините витални интереси.

— Србија е во објективно тешка геополитичка положба, но Вучиќ дополнително го влоши сето тоа. Кремљ го уверуваше дека ќе му биде лојален во секоја ситуација, додека на Западот му тврдеше дека е со нив со сето срце, а со Русите само тактички игра. Сега, во контекст на НИС, работите стигнаа до наплата. Ако Вучиќ направи чекори, што Русија ги смета за загрозување на нејзините интереси, може да одговори на повеќе нивоа — вели Анѓелковиќ.

Вучиќ на вонредна владина седница за НИС: Сакам по секоја цена да избегнеме конфискација

Како што посочува тој, гласачите на СНС голем дел се изразени русофили, а Вучиќ нема време да ги пренасочи на своја страна.

— Доколку Москва се вмеша во српската политика однатре, а не само индиректно преку медиуми, НВО, фондови, дипломати, служби и луѓе поврзани со нив, може да предизвика раскол во гласачкото тело на СНС. Како во 1948 година, многумина би рекле „да“ на рускиот „генералисимус“, а не на српскиот, уште повеќе ако овој е „лажен маршал“ — додава тој.

Нема да има веќе толку гас за Србија?

Втората можност што Москва ја има, вели Анѓелковиќ, е уште почувствителна.

— Отежнато снабдување со гас, што Србија реално нема со што да го замени, би имало драматично негативни последици врз индустријата, но и врз производството на струја. Поради несоодветното управување со енергетскиот систем, Србија сега користи гас за производство на електрична енергија во Панево и во Нови Сад. Ако таму настанат проблеми, особено зиме, тоа би ги погодило граѓаните директно и би го проширило незадоволството кон режимот, дури и кај оние кои се политички пасивни — оценува тој.

Милан Игрутиновиќ, научен соработник на Институтот за европски студии, вели дека краткорочно реакцијата на Кремљ може да оди во две насоки.

— Во надворешно-политички план, можно е да не се одобри новиот гасен договор што треба да важи од 1 јануари. Тоа не значи дека дотокот гас би бил прекинат, но би можел да стане сложен, што би било јасен сигнал. Од друга страна, пак, очекувам руските медиуми, било државни или парадржавни, да ги засилат критиките кон Вучиќ и владата и да работат на рушење на неговиот личен имиџ — вели Игрутиновиќ.

Долгорочните потези, според него, ќе зависат од калкулацијата што му е поповолна на Кремљ – дали оваа власт е стабилна, дали навистина паѓа или треба да го префрли политичкиот фокус на други играчи.

Како калкулира Путин?

Игрутиновиќ вели дека клучната дилема за Москва е дали воопшто има потреба да го менува својот пристап кон Србија. Можно е Кремљ веќе да го пресметал губитокот во НИС и да проценил дека најважно е да го задржи влијанието преку Вучиќ. Но, постои и спротивна опција – Русија да одлучи дека сегашната состојба не ѝ одговара и да се пренасочи кон поддршка на други десни политички субјекти, како СПС или кругови поврзани со НИС, Гаспром и енергетскиот сектор, доколку тие ѝ нудат поголема политичка стабилност и корист.

Тој нагласува дека молкот на руските медиуми за прашањето со НИС е особено забележлив, што само ја засилува неизвесноста околу позицијата на Москва. Според него, Косово моментално не е тема за Русија, бидејќи неговата политика таму одамна функционира „на автопилот“ и е тесно поврзана со ставовите што ги имаат за Крим, Абхазија и други непризнати територии.

Москва нема намера да ја менува својата позиција за косовската независност.

Србија би можела да го преземе НИС ако нема договор со Русите

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот