Што и да се смени, ВМРО-ДПМНЕ пак ќе биде против уставни измени

Христијан Мицкоски, претседател на ВМРО-ДПМНЕ/Фото: МИА

На власта ѝ порачуваме воопшто да не почнува со процесот, зашто тој ќе заврши во ќорсокак. Ништо не менува тоа што работната група само ќе достави предлог за отворање на Уставот, а потоа на уставните амандмани ќе се работи во Собранието, ВМРО-ДПМНЕ ќе гласа против иницијативата за уставни измени, велат партиски извори за „Слободен печат“.

Ништо не ја поместува позицијата на ВМРО-ДПМНЕ од ставот за уставните измени – нејзините пратениците нема да дозволат ниту да се отвори Уставот, а не пак да поддржат измена на Преамбулата за да бидат впишани Бугарите и други заедници. Како што веќе објави „Слободен печат“, работната група ќе ја подготви само нацрт-иницијативата за уставни измени и ако нема двотретинско мнозинство, работната група нема ни да се подготвуваа амандманите.

Од ВМРО-ДПМНЕ велат дека ништо не менува тоа што работната група само ќе достави предлог за отворање на Уставот, а потоа на уставните амандмани ќе се работи во Собранието.

– ВМРО-ДПМНЕ ќе гласа против иницијативата за уставни измени бидејќи смета дека целиот процес е нелегитимен и нема поддршка од граѓаните. На власта ѝ порачуваме воопшто да не почнува со процесот, зашто тој ќе заврши во ќорсокак – велат партиски извори за „Слободен печат“.

Дека работната група првично треба да подготви нацрт-иницијатива за измени на Уставот потврди и вицепремиерот за евроинтеграции Бојан Маричиќ. Тој во интервју за порталот „Нова“ е оптимист дека иницијативата ќе го добие потребното двотретинско мнозинство, за потоа во Собранието да почне правната процедура за измена на Преамбулата.

– И сега сум оптимист дека уставните измени ќе бидат успешни и до крајот на годината ќе го отвориме Кластерот 1 – „Фундаментални вредности“. И покрај бојкотот од опозицијата, верувам дека во неа има пратеници кои ја разбираат важноста промените да се случат сега, а не по две-три години. Според уставните можности, Владата како предлагач, формираше работна група за подготовка на нацртот за измена на Уставот, во која има експерти, претставници на политички партии, претставници на претседателот на државата, на МНР и на Секторот за европски прашања. Тие се во речиси постојано заседавање, го донесоа Деловникот за работа, со кој е утврден нивниот мандат, опсег на работа, динамика и начин на одлучување. Информиран сум дека се работи и на текстот за нацрт-предлогот и штом ќе го усвои ќе ѝ го достави на Владата која ќе го утврди како предлог за измена на Уставот. Следниот чекор ќе биде негово доставување до претседателот на Собранието, со што ќе почне правната постапка во Собранието. Важно е да се обезбеди мнозинство за донесување одлука за пристапување кон измена на Уставот, со која ќе се активираат сите механизми почнува собраниската постапка. Се работи за сложен процес, кој бара високо ниво на консензус, но уште поважно, бара и конструктивна атмосфера за работа во која ќе може да се соочат аргументите во корист на европската иднина на државата – вели Маричиќ.

Премиерот Димитар Ковачевски ги отфрли, како небулозни, информациите на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски дека власта освен на промена на Преамбулата за внесување на Бугарите во Уставот работи и на создавање бинационална држава.

– Тоа е уште една од низата небулози за замајување на јавноста од страна на опозицијата. Истата таа опозиција зборуваше дека во државата ќе има не знам колку милиони мигранти, тогашниот претседател на ВМРО-ДПМНЕ одеше по Македонија и раскажуваше дека државата ќе се кантонизирала поради територијалната поделба. Така беше. Територијална поделба остана, а тој отиде во Будимпешта. Потоа кажуваа дека со гласањето на францускиот предлог ќе се бугаризираме и ќе се асимилираме и дека ќе сме го изгубеле македонскиот јазик. Ништо од тоа не се случи. Во низата лаги, ова е најновата – изјави Ковачевски.

За изјавата на Мицкоски дека се работи на редефинирање на државата реагира и претседателката на работната група за измена Уставот Маргарита Цаца Николовска. Таа во интервју за ТВ21 вели дека нема да се наруши структурата на државата, ако Бугарите влезат во Уставот.

– Шпекулациите дека со промена на Преамбулата ќе станеме бинационална држава и дека ќе го изгубиме јазикот се со цел да поттикнат нешто непотребно. Во овој момент на Македонија како држава и е потребно да работи на остварување на стратешката цел, да влезе во ЕУ. Замајување на јавноста е дека ќе бидеме бинационална држава – рече Николовска.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот