Што е „Архивата на Ана“ и зошто „Спотифај“ тужи за неверојатни 13 милијарди долари?
Замислете дигитална библиотека во која речиси сите книги и научни трудови се достапни бесплатно. Токму тоа е „Архивата на Ана“ (Anna’s Archive) – отворена пребарувачка платформа што собира содржини од таканаречени „сенковни библиотеки“ како Z-Library, Sci-Hub и Library Genesis. Проектот го води анонимна личност позната само како Ана, која ја покрена иницијативата откако американските власти во 2022 година ја затворија Z-Library, една од најголемите нелегални дигитални библиотеки во светот, пишува хрватски „Журнал“.
Препорачано
Целта на „Архивата на Ана“ е амбициозна – создавање каталог на сите книги во дигитална форма и нивна достапност за секого. Самата платформа не ги складира датотеките, туку ги насочува корисниците кон други извори, со што формално се обидува да избегне директна правна одговорност за кршење на авторските права. Сепак, токму поради огромниот број линкови до заштитени содржини, проектот веќе е предмет на блокади и тужби ширум светот.
Судирот со Спотифај
„Архивата на Ана“ неодамна ја вознемири и музичката индустрија, откако објави дека успеала да копира речиси целосен каталог на Спотифај – вклучувајќи околу 256 милиони песни и 86 милиони аудиодатотеки. Според наводите, не станува збор за класично хакирање, туку за масовно автоматско прибирање податоци, при што биле собрани песни, информации за изведувачи, албуми и метаподатоци. Сето тоа било организирано во датотека со намера да биде споделена преку BitTorrent.
Реакцијата на Спотифај беше брза. Заедно со трите најголеми музички издавачки куќи – „Јуниверзал“ (Universal), „Сони“ (Sony) и „Ворнер“ (Warner) – компанијата поднесе тужба тешка дури 13 билиони долари. Според законот, казната може да достигне до 150.000 долари по песна, што при вакви бројки резултира со сума поголема од економиите на многу држави. Судот веќе издаде привремена забрана за дистрибуција на спорните датотеки и нареди прекин на хостирањето на поврзаните страници.
Архивата на Ана сè уште нема официјален одговор, но претходно истакнуваше дека нивната мисија е зачувување на културното наследство и дека ниту една корпорација не треба да има ексклузивна сопственост врз музиката. Случајот отвора сериозни прашања – дали дигиталните платформи можат целосно да го контролираат пристапот до културните содржини и каде е границата меѓу архивирање и криминал.
Спотифај под лупа
Во меѓувреме, Спотифај – кој има повеќе од 700 милиони активни корисници – се соочува и со други контроверзии. Кон крајот на 2025 година беше покрената кампања за бојкот на платформата поради сомнежи за користење музика создадена со вештачка интелигенција и реклами поврзани со американската имиграциска служба. Дополнително, со години траат критиките дека платформата исплаќа премалку средства на музичарите и авторите, иако остварува огромни приходи.
За милиони корисници Спотифај е едноставен начин за слушање музика, но за музичката индустрија и активистите тој е симбол на сложените судири меѓу технологијата, правото и културата во дигиталната ера.


