Шпанија е кошаркарска династија, преку Франција до четврта европска титула

Фото: EPA-EFE/FILIP SINGER

Кошаркарската репрезентација на Шпанија уште еднаш го оправда епитетот на најдобра репрезентација во Европа во 21 век и вечерва по четврти пат се искачи на кошаркарскиот Олимп.

„Фуријата“ во финалето на ЕП со 88:76 ја совлада Франција и покажа дека никогаш не смее да се потценува или да се отпишува од битката за трофеите.
Иако си заминаа браќата Гасол, Серхио Родригез, а ги немаше ниту Никола Миротиќ, Серж Ибака, Рики Рубио и Серхио Љуљ кои не играа поради повреди, најголемата кошаркарска династија во Европа во 21 век најде начин повторно да се искачи на тронот.

Шпанија на Евробаскетот кој поради промената на терминот на ОИ во Токио беше одложен за една година, дојде како освојувач на девет медали од последните 10 Европски првенства, но не и се даваа големи шанси за титулата во конкуренција на Словенија, Грција и Србија кои беа предводени од најголемите НБА ѕвезди, Лука Дончиќ, Јанис Адетокумпо и Никола Јокиќ.

Но, Серџо Скариоло уште еднаш покажа дека знае како да го извлече максимумот од репрезентацијата и на крајот по четврти пат да го освои златниот медал. Шпанија беше европски шампион во 2009, 2011 и 2015 година.

Шпанците во финалето без поголеми проблеми ја победија Франција, а Хуанчо Ернангомез испиша историја со тоа што стана единствениот играч кој влезе од клупата и постигна шест тројки во првото полувреме. Хуанчо можеше да го достигне и рекордот на Александар Саша Ѓорѓевиќ од 1995 година, кога во финалето против Литванија даде 9 тројки од 12 обиди, но Ернангомез застана на 7 тројки.

Вили Ернангомез/фото: EPA-EFE/FILIP SINGER

Финалето започна со поенот од слободно фрлање на Руди Гобер по што во наредните три минути никој не постигна поени од игра, а потоа започна рапсодијата на Шпанците и поведоа со 18:7.

Хуанчо погодуваше тројки, Скариоло добро ја прочита тактиката на францускиот селектор Венсан Коле што доведе го неколку загубени топки на „триколорите“, а прецизната рака на браќата Ернангомез донесоа предност од 20 поени.

„Триколорите“ се разбудија и со серија 11:0 на крајот од втората четвртина кога успеаја да ја намалат разликата и на полувремето застанаа на прифатливи 47:37 во корист на Шпанија.

Серијата на Французите продолжи и во третата четвртина и по петте поени по ред дојдоа до минус три (49:46). Скариоло повика тајм-аут и потоа работите дојдоа на свое место за Шпанија.

Во тие моменти, клучен беше Хаиме Фернандес со осум постигнати поени по што Шпанија поведе со 61:48. Французите се доближија на 63:57, но Руди Фернандез со тројката ги реши дилемите околу новиот европски шампион.

Најдобар во финалето беше Хуанчо Ернангомез со 27 поени, 7 тројки и 5 скока, неговиот брат Вили постигна 14 со 8 скока, 14 поени даде Лоренцо Браун, а Хаиме Фернандеш постигна 13 поени.

Во редовите на Франција Еван Фурние постигна 23 поени, Томас Ертел имаше 16 со 7 асистенции, а Јабуселе 13 поени и 6 асистенции.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот