Фото: ТВ Алфа / Јутјуб / скриншот

Шофер од Бугарија удрил со камион во крава во Жидилово и избегал, жртвата мора да е членка на спорното стадо

Додека јавноста деновиве повторно слуша за долгогодишниот проблем со стотиците крави во де факто сопственост на едно семејство од Кривопаланечко, кои се пуштени слободно да се движат (и да прават штети врз туѓи имоти) низ пошироката околина, во позадина полицијата информираше за случај кој најверојатно е со ова поврзан, но не доби многу внимание.

Завчера попладнето, возач на камион од Бугарија удрил во крава на магистралниот пат Куманово-Крива Паланка, токму во селото Жидилово, по што избегал од местото и го оставил угинатото животно.

Иако таква потврда нема во полициското соопштение, сосема е можно кравата која настрадала да е една од околу 500-те крави за кои семејството Ѓорѓиевски од Жидилово има долготраен и сè уште активен спор со државата, но и со соселаните и жителите на повеќе други, околни села. Возачот бил пронајден и тој ќе одговара, велат од полицијата.

„На 25.02.2026 во 18:00 часот во ОВР Крива Паланка e пријавено дека на магистралниот пат Крива Паланка – Куманово, во село Жидилово, кривопаланечко, товарно возило „мерцедес“, управувано од Е.М.С.(59) од Бугарија, удрило во домашно животно – крава, по што животното починало, а тој со возилото го напуштил местото. По преземени мерки Е.М.С. бил пронајден и против него ќе следува соодветна пријава. Увид извршила екипа од ОВР Крива Паланка“, пишува во полицискиот билтен.

Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) во соработка со други институции, во изминатите неколку години постојано се обидуваше да ги залови и да ги заплени кравите, кои формално веќе не се во сопственост на семејството, но реално и натаму се грижат за нив.

Во еден таков обид вчера, една од трите сестри во семејството Ѓорѓиевски, како и повеќепати досега, ги бркаше кравите во шума за луѓето од АХВ да не можат да ги заловат, а тоа го снимија камерите на медиумите, по што таа беше уапсена и ќе добие кривична пријава, најави полицијата.

ВИДЕО: Тепачка и протест во Добровница – комшии ги пуштиле кравите во туѓа зелка

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот