Шкендија со есенската титула, Македонија ЃП до бод против Вардар

Фото: instagram.com/fcshkendija

Вчерашното реми помеѓу Ренова и Шкупи, денеска Шкендија во 17 претпоследно коло го искористи со нов триумф сезонава во шампионатот и се промовираше во есенски шампион.

Тетовските „црвено-црни“ на теренот во Струмица со резултат 0:1 славеа против Академија Пандев со голот на Елези во 53 минута од средбата. Па, така на една рунда до крајот на есенскиот дел во Првата македонска лига има 39 бодови, шест повеќе од Шкупи и Македонија ЃП на втората, односно третата позиција.

Вардар ремизираше со Македонија ЃП (2:2), иако домаќините на Националната арена „Тодор Проески“ – Скопје водеа со головите на Мирчевски (19`) и Цветаноски (52`), на крајот не успеаја да ја задржат позитивата.

„Лавовите“ од Ѓорче Петров не се предадоа, најпрвин намалија преку интернационалецот од Гана Калид (57`) кој највисоко скокна после еден центаршут и со глава ја затресе мрежата на Вардар, голманот Илиќ не реагираше најдобро. А 10 минути подоцна бодот за гостите го донесе Божиновски.

Силекс уште од шестата минута во Велес беше со играч помалку поради црвениот картон на Тимовски и таквата предност на теренот знаеше да ја искористи Борец. Од пенал во седмата минута стрелаше Прелчец, а Ристовски ги потврди трите бода (13`).

Ренова и Шкупи одиграа без голови и ѝ направија услуга на Шкендија

Пелистер славеше (1:0) со голот на Талевски (81`) против Беласица, а екипата на Струга Трим Лум минимално со 2:1 беше подобра од Работнички. Османи уште во шестата минута им донесе радост на стружани, па израмнија „романтичарите“ од белата точка (Ѓурѓевиќ 21`). Во самиот финиш од средбата домаќинот стигна до шестата победа сезонава благодарение на погодокот на Јахја (87`).

1МФЛ 2020/2021

17 коло, резултати

Недела
Академија Пандев-Шкендија 0:1
Борец-Силекс 2:0
Пелистер-Беласица 1:0
Струга Трим Лум-Работнички 2:1
Вардар-Македонија ЃП 2:2

Табела: Шкендија 39 бодови, Шкупи 33, Македонија ЃП 33, Струга Трим Лум 25, Борец 25, Силекс 22, Вардар 22, Работнички 21, Ренова 16, Пелистер 15, Академија Пандев 14, Беласица 9.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот