Петре Шилегов / Фото: Телма

Шилегов најавува дека повеќе пратеници ќе го напуштат СДСМ, во партијата имало „сериозна групација“ против Филипче

Поранешниот градоначалник на Скопје и истакнат член на СДСМ, Петре Шилегов, повторно побара оставка од актуелното раководство на партијата поради, како што рече, катастрофалните резултати од работењето.

„Да ја сведете поддршката на партијата на само стотина илјади гласови и само 15 пратеници, да станете петта партија во Скопје, трета во Македонија, што е тоа ако не катастрофа?“, рече Шилегов во „Топ тема“ на „Телма“.

„Ќе дојде до определени барања, не само од моја страна, туку од сериозна групација во партијата, меѓу кои има и актуелни пратеници, кои исто така немаат никаква комуникација со раководството. Кога ќе излезат од партијата дел од пратениците, можеби половина од пратеничката група, кога дел од општинското раководство ќе ви ги затвори вратите, тогаш ќе сфатите дека мора да си заминете од функцијата“, рече Шилегов, кој е највисокиот некогашен функционер на СДСМ кој јавно го критикува актуелниот лидер Филипче.

Пред еден месец, кога Шилегов првпат во јавноста се постави како негов критичар, Филипче рече дека поранешниот скопски градоначалник тоа го сторил бидејќи бил „уценет со приватни проблеми и долгови за да му наштети на СДСМ“. Шилегов ова сега го коментира како лични напади за дискредитација во недостиг од аргументи, а вели и дека очекува нападите да продолжат и по ова интервју.

Тој ја оспорува легитимноста на најавениот конгрес на партијата, со оглед на тоа што, според него, постои голема апатија и пасивизација на членството, како и изолација на партијата.

„Ние немавме отчетен Конгрес за причините за поразот на СДСМ во изборите 2021. Согласно статутот мораше да има конгрес тој конгрес не беше одржан. По парламентарните избори 2024 година, пропадна конгресот и сега се одржува конгрес којшто до делегатите и до општинските организации на СДСМ не се испратени конгресните материјали, не се испратени предлог-заклучоците, ниту се испратени предлог-политички одлуки кои треба да бидат разгледувани и донесени на самиот конгрес“, рече Шилегов.

Тој објасни дека според статутот на партијата, општинските организации треба да ги разгледаат конгресните материјални, предлог заклучоците и да донесат свои мислења и видувања со цел делегатите да завземат одреден став, меѓутоа истите не биле испратени.

Според него, изгубен е „социјалдемократскиот идентитет на партијата“, а членовите не можат да се идентификуваат, а уште помалку да ја поддржат актуелната политика и одлуки што ги носи раководството.

Тој рече дека е спорна одлуката на лидерот Филипче да не учествува на лидерската средба, за што вели дека не е одлука донесена од партиските тела, а објаснувањето „не седиме на маса со криминалци“, според него е апсурдно.

Шилегов: Да! Барам оставка на „претседателот“ на СДСМ!

Исто така, според Шилегов, не е донесена никаква одлука на партиските тела да не се поддржува проектот „Безбеден град“ – став кој лидерот Филипче повеќепати го артикулира, со објаснување дека камерите на системот може да се употребат против опозицијата. Според Шилегов, таквата позиција не е став на партијата, туку лично гледање на Филипче.

Шилегов изнесе и едно оптимистичко гледиште за шансите на СДСМ да го порази ВМРО-ДПМНЕ на избори, под услов Филипче да ја напушти лидерската фотелја во опозициската партија:

„Убеден сум дека со вакво ВМРО-ДПМНЕ, ако се консолидираме за два месеци, на следните избори може да го поразиме. Поразително е да имате мнозинско опозициско расположение во земјата, а како опозициска партија СДСМ да се бори со ДУИ и со Левица, за втора и трета опозициска партија, а не да биде лидер на опозицијата. Ако дојде до брза промена на раководењето и креирањето на политики на СДСМ, јас ви гарантирам дека на следните вонредни избори, ваквото неспособно ВМРО-ДПМНЕ, СДСМ ќе го порази“, рече Шилегов.

СДСМ: Не се знае само дали Шилегов е уценет или купен

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот