Шилегов: Да! Барам оставка на „претседателот“ на СДСМ!
Поранешниот градоначалник на Скопје и функционер на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија (СДСМ), адвокатот Петре Шилегов, преку „Фејсбук“ јавно бара оставка од претседателот на партијата, Венко Филипче.
Препорачано
„Да! Барам оставка на ‘претседателот’ на СДСМ!“, напиша Шилегов во објава на социјалната мрежа, додавајќи дека во текот на само седум минути добил повеќе од 50 телефонски повици за појаснување на неговата позиција.
Ова дојде откако Шилегов во друг, прилично нејасен, „шифриран“ статус се осврна на одговорноста за „убиство“ и на однесувањето на партијата:
„Македонското законодавство познава убиство од небрижност. Познава и убиство со умисла, но не познава (само) убиство со умисла! Или тешка Ви е одговорноста? Или Ви тежи договорот? Или си СДСМ или си тезгарош! Прашањата ќе ги поставиме после празниците. Да не се разводиме во меѓувреме. Демек, добар ви е тајмингот. Нова Година, Божиќ, ќе се заборави…“, напиша Шилегов.
СДСМ вчера избра ново раководство, а партијата отсега ќе има двајца наместо четворица потпретседатели: Александар Трајановски и Јована Тренчевска. Промени има и во Извршниот одбор, за кој партијата вели дека сега е составен од комбинација на искусни кадри и млади луѓе.
Ова се случи откако лидерот на СДСМ Венко Филипче, по најлошиот резултат во историјата на партијата на локалните избори минатиот месец, објави дека ќе се менува целото раководство, освен него самиот. Многумина во СДСМ, според информациите од партијата, не се задоволни од начинот на којшто Филипче ја води партијата, како и од неговиот избор на нови кадри.
Превирањата во опозициската партија продолжија и денес, со оставката на претседателот на партиската организација во Битола, Методија Куновски, како и на членот на извршниот одбор на општинската организација во овој град, Александар Палигора.


