Фото: СДСМ

Моторот остана зарибан и по промените на чело на СДСМ

Кадровските промени во СДСМ повторно ја отворија дилемата дали партијата се обновува или само го менува пакувањето. Дел од аналитичарите предупредуваат дека без јасна визија и решавање на длабоките структурни проблеми, секоја реконструкција ќе остане козметичка.

Замислете дека СДСМ менува возач во еден автомобил со зарибан мотор. Па, така, сѐ додека не го поправи моторот, секој нов возач што ќе го одбере ќе ја доживее истата судбина како и претходниот“.

Вака политичкиот аналитичар Петар Арсовски во разговор за „Слободен печат“ ги коментира последните кадровски промени што ги изврши претседателот на СДСМ, Венко Филипче, обидувајќи се да ја извлече партијата од длабоката политичка и изборна криза.

Но, иако официјално се најавуваат како почеток на нова фаза и „спој на млади и искусни кадри“, изборот на луѓето што влегоа во најтесното партиско раководство повторно ја отвори дилемата дали СДСМ навистина се обновува или само ја рециклира сопствената кадровска матрица.

Старо-нови кадри

Дел од новото партиско раководство на СДСМ се Александар Димитријевиќ, Љупчо Фармаковски, Андреј Жерновски, Симона Цветановски, Рената Младеновска, Дејан Николовски, Јон Фрчкоски, Наташа Попоска и Петар Огњеновиќ.

Александар Димитријевиќ останува генерален секретар на партијата, додека Љупчо Фармаковски повторно е назначен за организациски секретар, функции што во партиската хиерархија имаат клучно влијание врз функционирањето и контролата на организацијата.

Филипче, претставувајќи го новиот состав, порача дека станува збор за тим што ќе влезе во „храбра и одлучна борба“ против актуелната власт на ВМРО-ДПМНЕ, ЗНАМ и Вреди, најавувајќи поофанзивна опозициска стратегија и отворање на партијата кон граѓански организации, независни поединци и интелектуалци.

Формално гледано, тоа е очекуван чекор за партија што се обидува да се консолидира по серијата изборни порази, но вистинската тежина на пораката се чита преку кадровските решенија.

Еден од посимболичните потези во новата поставеност е намалувањето на бројот на потпретседатели од четири на двајца, што праќа сигнал за рационализација и за централизирање на одговорноста.

Изборот на Јована Тренчевска и на Александар Трајановски за потпретседатели на СДСМ претставува комбинација од препознатливо партиско лице и „чисто“ професионално име без тежок партиски багаж, што може да се чита како обид за балансирање меѓу континуитетот и потребата од новитет.

Сепак, главната дилема останува во составот на Извршниот одбор. Значаен дел од новоизбраните функционери се одамна присутни на политичката сцена, со долг партиски стаж и препознатлив јавен профил.

За критичарите, ваквиот избор е доказ дека СДСМ не направил суштински рез со минатото, туку повторно се потпира на кадри што биле дел од раководствата во периодот кога партијата ја губеше поддршката кај гласачите. Оттаму и оценките дека станува збор за „стари кадри во ново пакување“, без јасен сигнал за подлабока кадровска и идеолошка трансформација.

Од друга страна, од Бихаќка доаѓа поинакво објаснување. Во партијата сметаат дека опозицијата не може да се гради од нула и дека во услови на пад на довербата и демотивација кај членството, искуството и организациската стабилност се неопходни. Во таа логика, задржувањето на проверени партиски функционери се толкува како обид за стабилизирање на структурата и враќање на функционалноста, а не како чекор назад.

Еден тон проблеми

Политичкиот аналитичар Петар Арсовски вели дека е добро нешто да се менува по изборен пораз, меѓутоа тоа е само еден чекор на еден долг пат што треба СДСМ да го изоди.

Структурните проблеми на СДСМ не се поврзани само за кадровските решенија, туку се поврзани за повеќеслојни проблеми, а за тоа говорат и проблемите на левицата општо во светот. Значи, левицата лошо поминува, а десните партии се подобри и во кампањите и во владеењето. Левицата тешко наоѓа јазик разбирлив во 21 век и нивните стари решенија изгледаат како морализирање кога светот се менува. Така што, најверојатно новата револуција во светот ќе дојде од десничарските партии и СДСМ го следи тој проблем. Втора работа е демографијата, односно тоа што нивните главни традиционални гласачи – пензионерите и младите – се намалуваат. Едните биолошки ги снемува, а другите си одат од земјава. И последниот и можеби најголем проблем е што имаат лоша организација и имплементација. Без оглед на сегашните кадровски промени, ако тие не ги адресираат другите проблеми, само ќе потрошат уште една генерација млади политичари во автомобилот со зарибан мотор – вели Арсовски.

Аналитичарот Марко Трошановски за „Слободен печат“ порачува дека е веќе дојдено време кога треба да ја напуштиме таа мантра дека некоја политичка партија извршила реконструкција со стари партиски кадри.

Ако реално гледаме на работите, тогаш и актуелната владејачка партија ВМРО-ДПМНЕ дојде на власт со стари кадри. Тука не гледам ништо спорно и проблематично. Едноставно, промената на кадрите во политичките партии се одвива многу бавно и сите политички субјекти во земјава имаат проблем со освежување. Не можам да кажам дека лидерот на СДСМ направил грешка со тоа што на партиски функции поставил луѓе што веќе ѝ се добро познати на македонската јавност, но ќе кажам дека згрешил тогаш кога ќе забележиме дека партијата продолжила да делува бледо и анемично како и сега. Сепак, треба да им оставиме време и простор – објаснува Трошановски.

Заробени во минатото

Аналитичарот Синиша Пекевски, пак, предупредува дека без јасна визија и без препознатлива политичка понуда, СДСМ ризикува да остане заробен во реториката од сопственото минато.

Изборот на старо-нови кадри во СДСМ е потврда на распадот на партијата и немоќта да најдат соодветни лица. Очигледно е дека лидер на партијата не е Венко Филипче, туку дека тоа е само продолжение на владеењето на Зоран Заев. Избор на лица што имаат големи дамки во својата кариера како дрогирање на работно место, лица што неуспешно се кандидираа за градоначалник и беа отфрлени од граѓаните, лица што лиферуваат лажни информации, лица што за поразот на локалните избори велат дека е добар резултат се дел од новото раководство. Искрено, мене не ме изненадува овој потег и покажува колку партијата реално нема човечки потенцијал и колку оние што навистина се квалитетни луѓе не сакаат да бидат дел од ова СДСМ и со овој претседател – изјави Пекевски за „Слободен печат“.

Најверојатно урнисувањето на СДСМ е дел од стратегијата на ВМРО-ДПМНЕ и на премиерот Христијан Мицкоски со поставување вакви кадри во таа опозициска партија, додава Пекевски.

ВМРО-ДПМНЕ обвинува за скандали, СДСМ ветува обнова

Според ВМРО-ДПМНЕ, во новото раководство на социјалдемократите се избрани стари кадри одредени од екслидерот на СДСМ Зоран Заев, кои со себе влечат скандали и неуспеси во досегашните политички кариери.

Во новото раководство на СДСМ влезе ексдиректорот на затворот ‘Шутка’ со активна кривична пријава за злоупотреба на службена должност, како и Јон Фрчкоски кој беше фатен и призна како се дрогира на своето работно место, а кој наместо казна доби унапредување во СДСМ“, се вели во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ.

Од СДСМ, пак, одговорија дека новиот тим е спој на млади и искусни, и дека наскоро ќе ја вратат власта во рацете на граѓаните.

Ќе следува процес за регрутирање 300 млади лидери, координатори и волонтери од сите региони, од цела Македонија. Нова сила што ќе ја освежи партијата и ќе покаже што е СДСМ, партија со план, со вредности, и вистински патриотизам“, соопшти партијата на Филипче.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот