Шилегов е уценет со приватни проблеми и задолженост за да му наштети на СДСМ, вели Филипче
Поранешниот градоначалник на Скопје, кој вчера побара оставка од лидерот на СДСМ, бил уценет поради негови лични проблеми и задолженост
Председателот на СДСМ, Венко Филипче, денеска преку статус на „Фејсбук“ остро одговори на барањето за негова оставка, кое вчера го изнесе поранешниот градоначалник на Скопје, Петре Шилегов. Филипче вели дека ВМРО-ДПМНЕ преку него се обидело да ѝ нанесе штета на партијата. Шилегов вчера, еден ден по изборот на новото раководство на СДСМ, кое го „преживеа“ само Филипче, го повика претседателот на опозициската партија да поднесе оставка.
Препорачано
„Власта пронашла еден од нас, послаб, за да го натераат одвнатре, од самата партија, да внесе немир во нејзините редови. Ги искористија неговите приватни проблеми, задолженоста кон одредени лица, а очигледно и уцени“, пишува лидерот на СДСМ.
„Удривме во осино гнездо. Ја откривме најголемата предавничка операција што се подготвувала. Денес можеме да кажеме и дека таа е веќе потпишана. Само уште изборите нè делат од реализацијата на ова сценарио, на овој план. Не само што ја забранија темата, туку и се закануваат со затвор. Паниката во редовите на ДПМНЕ е толку голема што веќе не бираат средства. Тоа јасно се гледа и по бројот на лажни вести и измислени случаи и наводни афери кои секојдневно ги пласираат во медиумите, со цел да го тргнат вниманието од суштината. Вчера се обидоа и преку еден наш член да ѝ нанесат штета на партијата. Не мене лично, тоа не го доживувам лично, туку на целата партија, на сите нејзини членови. А, вие видовте и каква машинерија беше подготвена – за помалку од половина час сите медиуми блиски до власта синхронизирано објавија на своите канали“, вели Филипче во објавата.
Според Филипче, тоа што сега „се изнесуваат вакви работи“ не било случајно.
„Јавно да се изнесуваат вакви работи во момент кога ДПМНЕ нè напаѓа од сите страни со цел да го замолчи нашиот глас на вистината, не е случајно. Тие пронајдоа еден од нас, послаб, за да го натераат одвнатре, од самата партија, да внесе немир во нашите редови. Ги искористија неговите приватни проблеми, задолженоста кон одредени лица, а очигледно и уцени. Ние го разбираме и нема да се пресметуваме со него. На сите ни е јасно во каква ситуација се наоѓа. Нема да му одмогнеме, можеме само да му помогнеме. До него е да одлучи која страна ќе ја избере. Сакам да им порачам на сите нив: ние сме на патот на правдата. Никој нема да нè запре. Ќе ја одбраниме Македонија и ќе ја вратиме власта во рацете на народот. Никој нема да нè запре, а најмалку вакви обиди. Кој сака – нека се приклучи! Кој не може или не сака – нека остане настрана! Правдата ќе победи“.


