Шестоодделенците нема да ги добијат сите учебниците до крајот на септември
Министерот за образование и наука Јетон Шаќири изјави дека утре ќе сподели точни информации со план за достава на учебниците од новата реформа до сите училишта, од прво до шесто одделение, за кои на почетокот на учебната година изјави дека ќе бидат готови во првата недела на септември односно до крајот на месецов (за шесто одделение). Учебниците за гимназиско образование, каде што подолг период немало учебници, Шаќири најави дека ќе бидат доставени до крајот на септември.
Препорачано
Шаќири соопшти дека учебниците за трето одделение се завршени и доставени до сите основни училишта. За шесто одделение се одобрени учебниците по Македонски јазик, Албански јазик, Природни науки, кои се на графичко-техничка обработка и печатење. Одобрен е и учебникот по Математика, но ќе треба да поминат пет дена за жалбена постапка.
-Ме радува фактот дека учебниците за трето сите се завршени и доставени до сите основни училишта. Што се однесува за учебниците за шесто, исто така ме радува фактот што Националната комисија ги има одобрено учебниците по Македонски јазик, Албански јазик, Природни науки и учебникот за Математика, за кој ќе треба да чека уште пет дена жалбена постапка, а за претходните – сите се доставени на графичко-техничко и печатење, изјави Шаќири одговарајќи на новинарски прашања по отворањето на Министерската конференција за квалитет на високото образование во Западен Балкан.
Тој соопшти дека продолжува и доставата на учебниците во средното образование каде што по подолг период немало учебници.
-Одредени издавачи кои имаат право на сопственост во издавачката дејност побараа одложување на рокот на договорот што го имаа до 1 септември, побараа уште 30 дена, и до крајот на септември во сите средни училишта, според нивните барања, во гимназиското образование ќе се достават сите учебници, додаде Шаќири.
Неизвесно е дали шестоодделенците ќе ги добијат учебниците до крајот на септември
Минатата недела „Слободен печат“ испрати прашања до МОН околу тоа до каде е постапката за учебниците за шесто одделение, а оттаму одговорија дека одобрени се учебниците по Албански јазик и Природни науки.
Учебникот по Математика бил одобрен, но во тек е жалбена постапка, додека пак учебниците по Македонски и Турски јазик се во постапка на одобрување. За Историја и општество се формира авторски тим. На веб-страницата за електронски учебници, единствен достапен учебник за шестоодделенците е учебникот Јазик и култура на Бошњаците, кој е изборен предмет, а во ПДФ верзија достапен е и учебникот по Албански јазик како изборен предмет.
Шестоодделенците се служат со помошни материјали, додека ги чекаат учебниците. Овие материјали се изработени од Бирото а развој на образованието и достапни се само во електронска форма на веб-страницата на Бирото.


