Ученици / Фото: ,,Слободен печат'' / Драган Митрески

Неизвесно е дали шестоодделенците ќе ги добијат учебниците до крајот на септември

Шестоодделенците оваа учебна година ја започнаа без учебници, бидејќи со новата Концепција во образованието се менува и наставната програма, па потребни се и нови учебници. Иако министерот за образование и наука Јетон Шаќири ветуваше дека учебници ќе има до крајот на септември, крајот е речиси тука, а постапката за печатење на учебниците не е почната.

„Слободен печат“ испрати прашања до Министерството за образование околу тоа до каде е постапката за учебниците за шесто одделение, а оттаму одговорија дека одобрени се  учебниците по Албански јазик и Природни науки.

Учебникот по Математика бил одобрен, но во тек е жалбена постапка, додека пак учебниците по Македонски и Турски јазик се во постапка на одобрување. За Историја и општество се формира авторски тим. На веб-страницата за електронски учебници, единствен достапен учебник за шестоодделенците е учебникот Јазик и култура на Бошњаците, кој е изборен предмет, а во ПДФ верзија достапен е и учебникот по Албански јазик како изборен предмет.

Шестоодделенците се служат со помошни материјали, додека ги чекаат учебниците. Овие материјали се изработени од Бирото а развој на образованието и достапни се само во електронска форма на веб-страницата на Бирото.

На почетокот на септември, Комисијата за заштита од дискриминација утврди дека МОН не го испочитува законскиот рок да обезбеди учебници

КСЗД ја анализираше состојбата и заклучи дека од вкупно 126 учебници потребни за сите задолжителни изборни предмети во деветгодишното основно образование, на почетокот на оваа школска година МОН не обезбедило 43 учебници, односно недостигаат 34 проценти од учебниците. Со ова, МОН не ја исполни законската обврска да обезбеди учебници по сите наставни предмети на сите јазици на кои се изучува наставата во основното образование пред почетокот на новата учебна година.

На седница, Комисијата донесе одлука да поднесе тужба за заштита од дискриминација од јавен интерес против Министерството за образование и наука поради недостигот на учебници во основното образование.

Ова е прв случај КСЗД да побара судска заштита како највисока заштита од дискриминација.

Од друга страна, пак, од МОН велат дека изработката на учебниците е комплексен процес и зависи од повеќе фактори, независни од системското влијание.

Од Министерството појаснуваат дека тие немаат законски механизми со кои можат да влијаат на пријавувањето на повиците за авторски тимови и повиците за рецензенти за нов учебник по одреден предмет.

Според министерот Јетон Шаќири, за разлика од претходната учебна година, сега секојдневно се доставуваат учебници и очекува до крајот на септември да бидат доставени сите учебници.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот