Шеќерот поскап за 7, зејтинот за 5,1 отсто – како глобалните цени ќе влијаат на нашите маркети?
Иако глобалните пазари веќе бележат раст на цените на храната, во земјава засега тие се релативно стабилни. Но, експертите и трговците велат дека тоа нема да биде за долго, бидејќи во моментов се трошат постоечките залихи.
Светските цени на храната повторно се во пораст, втор месец по ред, главно поради зголемените трошоци за енергија поврзани со ескалацијата на конфликтот на Блискиот Исток, покажуваат најновите податоци на Организацијата за храна и земјоделство на Обединетите нации. Според истиот извештај, шеќерот има повисока цена за 7,2 отсто, а маслото за јадење за 5,1 отсто. Следна е пченицата. Иако глобалните пазари веќе бележат раст на цените на храната, во земјава засега цените се релативно стабилни. Но, експертите и трговците велат не за долго, бидејќи во моментов се трошат постоечките залихи.
Препорачано
-Токму овие резерви се клучната причина зошто граѓаните сè уште не чувствуваат посилен ценовен удар. Во маркетите и магацините сè уште се продаваат производи набавени по пониски цени – објаснуваат увозниците.
Трговците, пак, велат дека и покрај велигденските празници, потрошувачката е намалена во однос на претходните години и дека зголемување на цените на одредени намирници треба да се очекува по празниците, кога ќе пристигнат новите увозни количини.
Економските очекувања се дека во текот на април ќе започне постепен раст на цените. Најмногу на удар се очекува да бидат шеќерот, зејтинот, лебот и житарките, како и месото и млечните производи. Ова се категории кои директно зависат од глобалните движења и цените на енергијата. Главната причина за растот се повисоките цени на енергијата, кои имаат директно влијание врз транспортот, производството и ѓубривата.
Главниот економист на ФАО, Максимо Тореро пред неколку дена излезе со предупредување:
-Растот на цените досега е умерен, благодарение на добрата глобална понуда на жито. Но, ако конфликтот трае подолго, земјоделците ќе мора да изберат – да користат помалку ѓубрива, да садат помалку или да преминат на други култури, што ќе влијае врз идните приноси – рече Тореро.
Според истиот извештај, цените на житарките бележат умерен раст. Пченицата поскапела за 4,3% поради суши во САД и помали површини во Австралија, пченката има благ раст, а оризот поевтинел за 3% поради послаба побарувачка и сезонски фактори. И покрај овие движења, глобалната понуда на жито останува стабилна.
Од друга страна, маслата за јадење и шеќерот бележат силен раст. Цените на растителните масла пораснале за 5,1%, со раст кај палминото, соиното и сончогледовото масло. Причината е зголемената побарувачка за биогорива поради високите цени на нафтата. Најголем раст има кај шеќерот – дури 7,2%, бидејќи се очекува Бразил да насочи повеќе шеќерна трска кон производство на етанол наместо шеќер. Цените на месото се зголемиле за 1%, најмногу поради растот на цените на свинското месо во ЕУ и поскапувањето на говедското месо во Бразил. Цените на млечните производи пораснале за 1,2%, главно поради намалена понуда на млеко во Океанија.
Македонија засега е „заштитена“ од најсилниот удар поради постоечките залихи, но тоа е само привремено. Во наредниот период граѓаните може да очекуваат постепено зголемување на цените во маркетите, нов инфлаторен притисок врз буџетите и поскапи основни прехранбени производи.


