Шега или навреда? Коментарите на Тимоти Шаламе за црнечката култура ја поделија јавноста
Актерот Тимоти Шаламе предизвика бурни реакции на социјалните мрежи поради неговите коментари за црнечката култура, откако доби сатирична награда наречена „Белото момче на годината“. Наградата му ја додели јутјуберот Ентони Едвардс во октомври, а начинот на кој Шаламе подоцна зборуваше за неа предизвика поделени мислења, пишува „Унилад“.
Препорачано
Шаламе ја прифати наградата преку видеоповик од Будимпешта, каде што моментално го снима продолжението на филмот „Дина“. Со ироничен тон им се заблагодари на „белите момци“ кои, како што рече, му го трасирале патот – меѓу кои ги спомена Џастин Тимберлејк, Џастин Бибер, Џејсон Вилијамс и Ед Ширан.
Подоцна се огласи и на Инстаграм, каде што напиша дека човек може „да се изгуби во сосот“, но без него е уште полошо изгубен. Во таа насока, вети дека ќе ја цени наградата и ќе инспирира идни генерации бели момци „целосно да бидат збунети околу сопствениот идентитет и местото во светот“.
Во гостување во поткастот 7PM in Brooklyn with Carmelo Anthony, актерот дополнително го објасни својот став. Призна дека шегите околу титули како „Белото момче на годината“ се чувствителна тема и дека постои тенка граница која лесно може да се премине.
„Сакам со почит да кажам сè што ‘треба’ да се каже, но искрено – јас сум само обожавател“, рече Шаламе. „Фан сум на црнечката култура, на хип-хопот и на сето тоа.“
Токму таа изјава предизвика интензивна дебата на Редит. Дел од корисниците изразија разочарување, тврдејќи дека актерот брзо ја губи својата репутација и дека делува иритантно, без разлика дали зборува искрено или глуми. Други забележаа дека им недостига времето кога славните личности биле помалку гласни и помистериозни.
Имаше и критики дека црнечката култура често се сведува исклучиво на хип-хоп, иако таа опфаќа многу повеќе аспекти.
Сепак, многумина застанаа во одбрана на Шаламе, сметајќи дека неговите зборови се добронамерни. Според нив, тој покажал свесност и почит, а не ароганција. Некои дури изјавија дека не ја разбираат негативната реакција и дека актерот само им оддал признание на оние од кои бил инспириран.


