Мадона, Шакира и Џанг Кук од „БТС“ / Фото: Profimedia

Шакира, Мадона и „БТС“ ќе настапат на првото шоу на полувреме во историјата на Мундијалите

Светското првенство во фудбал 2026 ќе влезе во историјата и поради музичкиот спектакл што ќе се одржи на финалето. ФИФА официјално потврди дека Шакира, Мадона и јужнокорејската група „БТС“ ќе настапат на првото полувреме-шоу некогаш организирано на финале на Светско првенство, објави „Гардијан“.

Спектаклот ќе се одржи на 19 јули на стадионот „МетЛајф“ во Њу Џерси, каде што ќе се игра големото финале на Мундијалот 2026.

За музичкиот дел од настанот ќе биде задолжен фронтменот на „Колдплеј“, Крис Мартин, кој ја курира целата програма.

ФИФА уште минатата година најави дека финалето на Светското првенство ќе добие шоу инспирирано од Супербоул, а сега за првпат се откриени и имињата на главните ѕвезди.

Претседателот на ФИФА, Џани Инфантино, претходно изјави дека станува збор за „историски момент за Светското првенство и шоу достојно за најголемиот спортски настан во светот“.

Иако многумина со возбуда ја дочекаа најавата, дел од фудбалските фанови веќе изразија загриженост околу тоа колку долго ќе трае паузата на полувремето, бидејќи ваквиот формат досега не бил дел од Светските првенства.

Сличен концепт веќе беше применет на финалето на Копа Америка 2024 во Мајами, кога токму Шакира настапи на полувремето на стадионот „Хард рок“.

Музичко шоу на полувремето имаше и на финалето на Светското клупско првенство минатата година, исто така на „МетЛајф“, кога паузата траеше значително подолго од стандардните 15 минути.

Инаку, Шакира деновиве го најави и новиот официјален химна-сингл за Светското првенство. Песната се вика „Dai Dai“, а е снимена во соработка со нигериската ѕвезда Бурна Бој.

Во краткото видео објавено на Инстаграм, колумбиската пејачка се појавува на легендарниот стадион „Маракана“ во Рио де Жанеиро, држејќи ја официјалната топка за Мундијалот 2026.

Шакира отпеа делови од песната на англиски јазик, придружувана од танчери облечени во боите на различни репрезентации, меѓу кои САД и Колумбија.

Пејачката има долга поврзаност со Светските првенства. Таа настапуваше на финалињата во 2006 и 2014 година, а во 2010 ја отпеа една од најпознатите мундијалски химни – „Waka Waka“.

Светското првенство 2026 ќе биде најголемото досега, со 48 репрезентации, а ќе се одржува во САД, Канада и Мексико.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот