Сеул го суспендира воениот договор со Пјонгјанг поради провокациите со балони
Претседателскиот совет за национална безбедност на Јужна Кореја (НСЦ) денеска одлучи да го суспендира воениот договор од 2018 година со Пјонгјанг додека не се врати меѓусебната доверба, како одговор на масовното праќање балони со отпад од Северна во Јужна Кореја.
Препорачано
На состанокот, на кој беше оценета неодамнешната серија провокации од Северна Кореја, Советот одлучи да предложи суспензија на Сеопфатниот воен договор на седницата на владата закажана за вторник, пренесува Јонхап.
Според предлогот, суспензијата на воениот договор ќе трае „до обновување на меѓусебната доверба меѓу двете Кореи“, се вели во соопштението на претседателскиот кабинет.
На состанокот на НСК беше констатирано дека со оваа мерка ќе се овозможи воена обука во близина на воената демаркациона линија и ќе се овозможат поадекватни и непосредни одговори на севернокорејските провокации.
– Владата ќе ги преземе сите неопходни мерки за заштита на животот и безбедноста на нашите граѓани, се наведува во соопштението на претседателскиот кабинет.
Северна Кореја од четвртокот испрати речиси 1.000 балони со смет во Јужна Кореја во, како што нагласи Пјонгјанг, кампања против јужнокорејските активисти кои испраќаат балони со пропаганден материјал кои ги критикуваат севернокорејските власти.
Во акцијата немало човечки жртви, но падот на некои балони предизвикал материјална штета, наведува Јонхап.


