Секуловски: Со самодоверба и тактичка дисциплина можеме да ја победиме Словенија!

Марјан Секуловски за „Слободен печат“ вели дека в четврток најдобрата македонска фудбалска репрезентација може да направи голем исчекор и уште повеќе ја израдува фудбалската и спортска јавност на патот кон еврошампионатот наредната 2020 година.

Нашиот фудбалски тренер на клупски план ја води екипата на Мазија С&Р со која моментно во фудбалскиот шампионат на Малдиви (сезона 2019-2020) се наоѓа на првото место во генералниот пласман со 23 бодови, пред составот на Грин Стритс на втората позиција кој има 16.

Фото: ФФМ

– Мислам дека можеме да победиме, треба да ги искористиме позитивните моменти од нашиот прв натпревар во Словенија. Мораме да веруваме во сопствените квалитети и тоа да го потврдиме со максимална ангажираност, самодоверба и тактичка дисциплина. Во секој случај Словенија е добра репрезентација, но сепак таа не е во редот од оние најсилните во Европа. Нејзин поголем квалитет е квалитетот, немаат многу звучни поединци, двајца-тројца, играат тактички дисциплинирано и тимски – ни изјави Секуловски.

На првиот меч одигран во Љубљана ремизиравме 1:1, тогаш Словенците поведоа преку М. Зајц во 34 минута, а израмни Е. Барди во 47 минута, но сега играчот на Леванте нема да настапи поради повреда.

– Македонија во овој момент ја има една од најдобрите генерации во историјата. Скоро сите наши репрезентативци настапуваат во добри европски екипи и играат силни натпревари во континуитет. Многу ќе недостасува Барди, но во секој случај мислам дека ќе имаме доволно квалитетна репрезентација на натпреварот со Словенија, која е способна да победи. Очекувам полн стадион и голема поддршка од трибините која ќе им биде многу потребна на фудбалерите. На домашен терен сме победиле и многу посилни репрезентации од Словенија и искрено верувам дека можеме да победиме – додаде Секуловски.

Сето внимание на фудбалски план ќе биде насочено в четврток на многу важниот квалификациски натпревар за пласман на Европското првенство 2020 година.

Нашата фудбалска А репрезентација в четврток (10. октомври) од 20.45 часот на Националната арена „Тодор Проески“. Повеќе информации за натпреварот Македонија-Словенија околу цените на влезниците на следниот ЛИНК

Во групата „Г“ моментно на табелата после шест кола води Полска со 13 бодови, Словенија има 11, па 10 Австрија на третата позиција, а свои шанси за првите две позиции кои водат директно на континенталниот собир имаат уште Македонија и Израел кои имаат по осум бода. На дното е Летонија со шест максимални порази.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот