Секуловски: Брегалница се враќа на местото кое ѝ припаѓа, тоа го заслужува фудбалски Штип!

Фото: facebook.com/fkbregalnicaofficial

Фудбалскиот клуб Брегалница од Штип повеќе од убедливо стигна до посакуваниот пласман во елитното друштво, без ниту еден пораз во сезоната реализирајќи ги на најдобар можен начин амбициите на сопственикот Кире Гогов кој веднаш по преземањето на клубот најави враќање на „сините“ во Првата лига.

Играчите предводени од тренерот Марјан Секуловски го освоија првото место во Втората македонска лига – Исток, во последното коло триумфираа убедливо над Тиквеш со резултат 5:0.

ФК Брегалница без ниту еден пораз, со 23 победи и четири ремија ја оствари главната цел, колку сте задоволни од прикажаното од вашите играчи, од самиот проект на клубот и обезбедениот прволигашки статус?

– Многу сум задоволен бидејќи ја остваривме зацртаната цел, а тоа беше освојување на прво место и влез во Прва лига, што е појдовна точка на проектот на оваа Брегалница. Ако се знае дека Брегалница тоа го чекаше четири години и дека Брегалница слави 100 години од формирањето задоволството е уште поголемо. Како круна на сезоната е фактот дека тоа се постигна без пораз со 23 победи и четири нерешени што е резултат за секоја почит и не е лесно да се постигне – ни изјави Секуловски.

Фото: facebook.com/fkbregalnicaofficial

Колку е важно ова за самиот град и верувате ли дека Штип дека дава нови големи фудбалски моменти и таленти кои можат да прераснат во врвни играчи и подоцна имаат значаен придонес?

– Мислам дека е од голема и исклучителна важност за Штип да има фудбалски прволигаш, впрочем тоа фудбалски Штип го заслужува и Брегалница се враќа на местото кое ѝ припаѓа во фудбалската карта на Македонија. Таленти во Штип имало, има и ќе има, а само од нив самите и од нивната макотрпна работа зависи кое фудбалско ниво ќе го достигнат – додава Секуловски.

Штип давал одлични репрезентативци, а кога сме кај репрезентацијата, таа ќе настапува и дебитира на Европското првенство. Според вас, како треба Македонија да му пристапи на овој голем настан и самите натпревари со Австрија, Украина и Холандија во групата?

Фото: EPA-EFE/THILO SCHMUELGEN / POOL

– Македонија треба да пристапи на истиот начин како што играше во квалификациите. Со максимална самодоверба и верба во сопствените квалитети. Нема потреба од промена на пристапот. Селекторот, стручниот штаб и фудбалерите знаат како треба. Тоа го докажаа претходно. Ние само треба да им дадеме максимална поддршка и да ги бодриме во секој натпревар – вели тренерот на Брегалница.

Навивачите треба да ја комплетираат фудбалската, воопшто спортската слика, Брегалница славеше со својата верна „Фаланга“, од друга страна УЕФА дозволи одреден број на навивачи да присуствуваат на Европското првенство. Колку се важни фановите за самиот клуб и репрезентацијата?

Фото: facebook.com/fkbregalnicaofficial

– Фудбалот се игра за публиката. Само со публика фудбалот е комплетен, како за Брегалница со „Фалангата“, така и за секој клуб и репрезентација. Нема споредба околу чувствата и мотивацијата на фудбалерите кога се игра без гледачи и пред полни трибини. Јас се надевам дека од следната сезона ќе биде дозволено присуство на публика на стадионите и дека фудбалот и животот ќе се вратат во нормален тек – рече стратегот на штипскиот фудбалски клуб.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот