Сè уште е неизвесно дали и за кого ќе има помош за плати

Фото: Janusz Pieńkowski / Alamy / Alamy / Profimedia

Предлогот на петтиот пакет, кој сè уште не е финално дефиниран, содржи околу 20 мерки, кои се таргетирани да ги поддржат најпогодените сектори и граѓани од здравствената и социо-економската криза, со фокус на задржување на ликвидноста на компаниите и спас на работните места, но и да ги стимулираат компаниите да продолжат да се развиваат и растат, изјави вицепремиерот задолжен за економски прашања Фатмир Бетиќи, по средбата со Незвависната угоститетлска комора.

Ова е последната од дозираните изјави што до вчера се даваа во јавноста од страна на претставниците на Владата во врска со најавениот петти економски пакет. Она што може да се забележи е дека нема прецизен одговор за тоа дали и за кого ќе продолжи мерката субвенционирање на плати, иако токму таа е најочекуваната мерка. Според сегашните најави можно е некакво модифицирање на условите затоа што во 2021 година нема логика приходите на компаниите да се споредуваат со оние од 2020 – та, Премиерот Зоран Заев, одговарајќи на пратеничко прашање за петтиот пакет, рече дека оваа година е за рестарт на компаниите, што значи дека се очекува компаниите да почнат да ги зголемуваат приходите во однос на почетокот на пандемијата. Досега, за да еден работодавач добие субвенции за плати, неговите приходи требаа да бидат намалени повеќе од 30 проценти. Во пракса, ова значеше дека ако некој користи помош за плати за ноември, просекот од вкупните приходи од април 2020 до нември 2020 во однос на истиот период од 2019 година, требаше да му биде намален за најмалку 30 отсто.

Пандемијата, официјално се прогласи на 11 март 2020 година, а работодавачите потенцираат дека јануари и февруари и вообичаено се тешки месеци и дека сега, особено им е неопходна помош.

– Нашите извозни компании, главно, се врзани со пазарот во Германија, а таму сега сѐ е затворено, и според очекувањата, таква состојба ќе биде до крајот на февруари. Еве, на пример, текстилните компании сега воопшто и не можат да ги испорачаат нарачките. Извозот е сопрен, затоа што не работат складовите во Германија, па ние дури мора во наши складови да ја чуваме робата што сме ја произвеле согласно нарачките – изјави неодамна за “Слободен печат“, претседателот на Органзиацијата на работодавачи на Македонија, Ангел Димитров.

По средбата со Бетиќи, претседателот на Независната угостителска комора, Здравко Јосифовски, рече дека не очекува фирмите да добијат помош за плати за јануари, но дека очекува тоа државата да го компензира во идниот период.

Најверојатно месец јануари, на некој начин, во однос на субвенциите за плати, е загубен месец, но државата работи како тоа да ги надокнади во иден период – по основ на постојната субвенција за плати, или по основ на развој на нова шема за давање на бескаматни кредити со кои ќе се стимулират угостителите и остнатите индустрии кои се загрозени – рече Јосифовски. 

Бескаматни кредити со грантова шема, однсоно со „опростување“ на дел од кредитите најави и премиерот Заев, а процентот на грантот рече дека ќе зависи од продуцираниот раст на компанијата.

Ова го наметнува прашањето: Дали субвенционирањето на платите како мерка за зачувување на работните места, ќе се се замени со бескаматни кредити со грант компонента? Инаку, и субвенциите за платите не се неповратна категорија за сите работодавци. Оние што користеа пари во 2020 година, ако за оваа година имаат добивка ќе треба да ги вратат субвенциите, но износот е лимититиран до 50 отсто од добивката пред оданочување, зголемена за оданочените расходи.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот