Се расчистува голема дива депонија во Драчево

Фото: Слободен печат/ Драган Митрески

Градот Скопје денеска во соработка со Општина Кисела Вода и јавните претпријатија почна со чистење на дивата депонија во Драчево. Оваа депонија се очекува да биде исчистена за околу десетина дена, а просторот да биде целосно израмнет.

На почетокот на активностите денеска присуствуваше градоначалникот на Градот Скопје, Петре Шилегов, кој посочи дека станува збор за една континуирана акција која што се спроведува на територија на градот.

-Во населеното место Драчево денеска започнуваме со расчитување на една огромна дива депонија создадена во изминатиот период, која влијае на почвата, животната средина во Драчево, автоматски со тоа и во Скопје, рече Шилегов.

 

Тој потсети дека во изминатиот период расчистени се повеќе децениски депонии, како што беше депонијата во Аеродром кај Мичурин, депонијата во Визбегово, депонија во Ново Лисиче, и онаму каде што просторните услови дозволуваат. На тие места, како што рече, наместо депонии сега има паркови.

Како што најави, просторот ќе биде израмнет, и ќе стапи на сила системот воведен од Град Скопје во соработка со општините, а тоа е засилен инспекциски надзор, со цел да причинителите на вакви депонии радикално се казнат. Градоначалникот Шилегов испрати апел до граѓаните на Скопје да не ги создаваат дивите депонии.

Директорот на ЈП „Комунална хигиена”, Абдусамед Шабани кој денеска присуствуваше на расчистувањето на депонијата посочи дека неговите екипи и во вечерните часови со засилени капацитети се насочени да го елиминираат отпадот, и дека ќе продолжат и понатаму да ги елиминираат сите црни точки во градот.

Градоначалник на Кисела Вода, Филип Темелковски денеска на почетокот на акцијата на чистење, појасни дека Општина Кисела Вода со ребаланс на буџетот обезбеди пари за решавање на проблемот за жителите на овој дел од општината, поточно за завршување на овој дел од улицата.

-Сметавме дека пред да го завршиме патот треба да имаме една ваква акција со Градот Скопје и со јавните претпријатија за да прво се исчисти депонијата, а потоа да се направи и самиот пат. Ова е трета локација во општината која што ја чистиме заедно со Градот. Апелирам до сите граѓани да соработуваат со општинаа за да се ствараат што помалку депонии во иднината, рече Темелковски

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот