Во штипско ќе се гради најголемата фотоволтаична централа на Балканот
Од страна на Општина Штип сè е подготвено за да почне изградбата на фотоволтаичната централа „Стипион“. Но, сега основниот предизвик е носењето на специјален закон за оваа стратешка инвестиција
Амбасадорот на Република Франција во Република Северна Македонија, Сирил Бомгартнер при посетата на Штип ја најави изградбата на најголемата фотоволтаична централа „Стипион“ на локацијата каде што беше предвидена изградба на карго-аеродромот, а е на територија на општините Свети Николе и Штип. Оваа фотоволтаична централа ќе биде најголема, не само во нашата земја, туку и на Балканот. Амбасадорот Бомгартнер истакна дека станува збор за инвестиција на француската компанија „Акио“, а техничките подготовки се при крај.
Препорачано
-Тој проект навистина е важен поради повеќе причини, затоа што во поглед на економската криза којашто постои во светски рамки Северна Македонија ќе ја зголеми својата енергетска независност. Но, исто така ќе помогне и брзо да напредува во зелени обновливи извори на енергија и декарбонизација, и на крај ќе кажам дека тој проект ќе помогне и за економски развој градот и на општината – вели Бомгартнер.
Францускиот амбасадор истакна дека од страна на Општина Штип сè е подготвено за да почне изградбата на фотоволтаичната централа „Стипион“.
– Но, сега основниот предизвик е носењето специјален закон за оваа стратегиска инвестиција, која го подготвува Владата, а потоа треба да го изгласа Собранието, а којшто ќе ги предвиди сите оние поволности, што следуваат врз база на оваа стратегиска инвестиција и по донесувањето на Законот брзо ќе се потпише и договорот. Се надевам дека тоа ќе се случи многу брзо – вели Бомгартнер.


