Се чисти каналот „Шамак“ во Кадино, се смета за критична точка при обилни врнежи
Во Општина Илинден продолжува чистењето, но, како што информираат оттаму, и редовното одржување на каналската мрежа и речните корита на својата територија, со цел зголемување на проточноста и намалување на ризикот од поплави.
Препорачано
Во моментов се спроведува чистење на каналот „Шамак“ во село Кадино, во должина од 1.200 метри. Градоначалникот на Општина Илинден, Александар Георгиевски вели дека по обилните врнежи овој канал е утврден како критична точка, а неговото расчистување е од особено значење за безбедноста на жителите од овој дел на општината.
Од Општината информираат дека во изминатиов период било исчистено коритото на Сува Река, на потегот од вливот на Бучинско езеро до излезот од населеното место Бучинци, во должина од 850 метри. Дополнително, извршено е чистење на сисавецот на главниот канал „Млака“, на потегот од пречистителната станица во населеното место Илинден до вливот во главниот канал, во должина од 800 метри.
Имајќи предвид дека каналската мрежа на Општина Илинден е под нивото на реката Вардар, одводнувањето се реализира со пумпни уреди преку кои се испумпуваат до 2.800 литри вода во секунда, што дополнително ја потенцира потребата од редовно и навремено одржување на системот. Благодарение на континуираното чистење и одржување на каналите и речните корита, изминатиот период со обилни врнежи беше надминат без потешкотии и несакани последици, објаснуваат од Илинден.
Оттаму додаваат дека во текот на 2026 година предвидено е чистење на вкупно 24.250 метри канали и речни корита на територијата на сите населени места во општината.


