Богданка Кузеска - фото: СДСМ

СДСМ: Зад рудникот за антимон во Кривопаланечко стојат донатори на ВМРО-ДПМНЕ

Отворањето на рудникот за антимон во кривопаланечкото село Луке е уште еден бизнис-план на владејачката ВМРО-ДПМНЕ што се реализира преку фирми на донатори на партијата, а под превезот на проект од државен интерес во рамките на стратешкиот дијалог со САД, обвинува опозициската СДСМ во нова т.н. „бомба“ на нивниот антикорупциски тим.

– Официјалните податоци од Министерството за енергетика откриваат дека моментален концесионер на локалитетот Луке е компанијата „РИ Енергетика Пела ДОО Скопје“. Кој е сопственик на оваа компанија? Ѓорѓе Качурков. Донатор на ВМОР-ДПМНЕ. Официјалните документи и финансиски извештаи недвосмислено го потврдуваат ова. Ова е крунскиот доказ! Рудникот со антимон е бизнис „дил“, класична партиска концесија – изјави Богданка Кузеска, членка на ИО на СДСМ и портпаролка на партијата.

Како уште еден факт, кој оди во оваа насока, таа го наведе и тоа што договорот за експлоатација на рудникот за антимон во Вашингтон го потпишаа Конор Колман, раководител на инвестиции во Корпорацијата на САД за финансирање на меѓународниот развој и Ник Јовановски, извршен директор на австралиската компанија „Пела глобал лимитед“.

– Договорот во Вашингтон го потпиша Ник Јовановски од австралиската „Пела глобал лимитед“. Истиот тој Николче Јовановски кој уште во 2015 година, како застапник на фирмата на донаторот на ВМРО-ДПМНЕ, го потпишал договорот за концесија за локалитетот Луке. Со ова мрежата е целосно разоткриена, а центарот на контролата е јасен. Значи ВМРО-ОКГ е подготвена да го жртвува здравјето на граѓаните за профитот на своите спонзори – додаде Кузеска.

Таа уште еднаш го повтори барањето на СДСМ за организирање референдум во општина Крива Паланка на кој жителите на оваа општина ќе се изјаснат дали се „за“ или „против“ отворање на рудник за антимон.

Градоначалникот на Крива Паланка, Сашко Митовски, кој пак е од редовите на СДСМ, не ја отфрла инвестицијата, но бара вклучување на експертската заедница, гаранции за почитување на стандардите и контрола и заштита на производството кое, според него, треба да се одвива во затворен систем – без загадување на воздухот, почвата и водите.

-Крива Паланка е рударски град. Тоа не е само економска категорија, тоа е дел од нашиот идентитет, нашата традиција и начинот на кој овој крај се развивал со децении. Од таа перспектива, секоја иницијатива поврзана со рударството мора да се разгледува сериозно, одговорно и со целосна свест за потенцијалните придобивки и ризици. Затоа, на ова прашање не гледам ниту површно, ниту политикантски, туку исклучиво одговорно, со долгорочна визија и државнички пристап – рече првично Митовски.

Фирма на Австралиец со македонско потекло ќе го собира антимонот од Кривопаланечко со пари од Америка

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот