СДСМ – Тетово: Коалицијата на Мицкоски и Касами во Тетово промовира поделби, национализам и провокации

Христијан Мицкоски со денови молчи, нема осуда за настаните и провокациите што се случија во петокот, реагира општинската организација на СДСМ – Тетово, по повод настаните на градскиот плоштад, каде на забава која ја организираше локалната самоуправа се вееше знамето на таканаречена голема Албанија.

Наместо да работат на решавање на проблемите на граѓаните, коалицијата на Мицкоски и Касами во Тетово промовира поделби, национализам, провокации и создаваат тензии, додаваат од СДСМ.

-Касами и Мицкоски заедно се обидуваа да ја урнат Владата, а нивната соработка продолжува и ден денеска и во Советот на Тетово и во македонското Собрание. Молчат и советниците од ДПМНЕ во Тетово, и тие го бранат Касами. Очигледно ова е „духот на коалицискиот договор“ за којшто зборуваа Мицкоски и Касами. Но и Мицкоски и Касами треба да знаат дека времето на национализам, на тензии е одамна завршено, граѓаните нема да дозволат нови поделби онакви какви што правеше ДПМНЕ 11 години.

Ниту збор не кажа Мицкоски за тоа што немаше државно знаме, за тоа што ја немаше државната химна. Молчи Мицкоски и за провокациите. Наместо осуда Мицкоски се стави во одбрана на Касами, неговиот коалициски партнер, кој беше организатор на настанот. Касами, токму со гласовите и поддршката на ДПМНЕ стана градоначалник на Тетово, заедно држеа прес конференции токму овде во општинската зграда“, изјави Марија Костовска Наумовска, координатор на Форумот на жени на СДСМ во Тетово.

Со реакција на својот официјален фејбук профил излезе и градоначалникот на Општина Тетово Билал Касами. Тој напиша дека политичката реторика деновиве нема никаква поврзаност со посетата на Курти.

„Ја разбираме загриженоста на претседателот и Владата, на што, зачудувачки, со поддршка и реакции излезе и Белград и знаеме дека оваа политичка реторика нема врска со посетата на Албин Курти, туку има врска со загриженоста дека опозициските Албанци во РСМ се здружуваат и ѝ се бројат деновите на оваа влада на криминал и корупција.

Доаѓањето на премиерот Курти беше чест за Албанците од Северна Македонија, колку што беше чест и за државата Северна Македонија, со која беше потпишан меморандумот за заедничкиот проект на патот Тетово-Призрен“, стои во фејбук објавата на Касами објавена само на албански јазик.

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот