СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ со меѓусебни обвинувања по инцидентот со полицајците

Портпаролот на владејачката СДСМ, Дарко Каевски, по приведувањето на Ивица Б. кој бил дел од тимот обезбедување на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, кажа дека со овој пример, опозициската партија секојдневно го покажува своето вистинско насилничко и криминално лице, и дека доволни биле само неколку денови од нивното влегување во техничката Влада за да се покаже нивното вистинско лице.

-Ноќеска, пред кафе барот Мош во Скопје, шефот на обезбедувањето на Мицкоски, Ивица Бисовски, физички нападнал полицаец. Иако и самиот е полицаец шефот на обезбедувањето на Мицкоски се обидел да спречи полициска акција за дрога. Затоа е тепан полицаецот, инспектор од НТШ, за борба против дрога. Станува збор за истиот Ивица Бисовски кој во време на ковид пандемијата беше заедно со Мицкоски во теретаната а потоа и во кафана на Боемска улица иако беше забрането – рече Каевски.

Тој додаде дека секој напад на полицијата или полицајци е напад врз државата и побара одговори од министерот Панче Тошковски кој е кадар предложен од ВМРО-ДПМНЕ, но и од претседателот на партијата, оти според него, овој скандал отвора многу дилеми за улогата на Мицкоски и „ВМРО-МВРО“.

Од ВМРО-ДПМНЕ реагираа на прес конференцијата на Каевску и според нив, за разлика од СДСМ која заташкувала прекршување на законот, ВМРО-ДПМНЕ ги осудува и ќе ги казнува сите кои се огрешиле, било тоа да се од ВМРО-ДПМНЕ, СДСМ, ДУИ или било кој друг граѓанин.

-Јавноста можеше да види дека МВР/СДС е претворена во институција која миже пред криминалот, која дозволува корупцијата вртоглаво да расте и овозможува подземјето да царува со државата. Наместо како сервис на граѓаните, тие дозволуваат нарко бандите слободно да си го шират бизнисот, да се пресметуваат среде бел ден во центарот на градот, да се случуваат мафијашки ликвидации во локали, најголеми белосветски криминалци да добиваат македонски пасоши, а во исто време своите граѓани да не можат лична исправа да си извадат – велат од ВМРО-ДПМНЕ.

Според партијата, СДСМ  селективно бираат инциденти кои ги форсираат за медиумите. Од партијата прашуваат зошто не се расветлени нарко и пресметките и убиствата, зошто нема разрешница за случајот со петардите на Дрин Ахмети, зошто нема ништо за кражбата на оружје од депото на МВР во Охрид, луксузното патување на заменик министерот Буши, кражбите на марихуана, пукањата од калашников на полициски командир на прослави, зошто нема разрешница на тепањето на Бислимовски од страна на синот на Муса Џафери и десетици други случаи кои МВР на СДС и Спасовски ги премолче, што заради неспособност, што свесно заради измеќарењето кон ДУИ.

-Да ги потсетиме СДС дека ваков сличен настан се случи и во 2016 година, кога лице од најблиското обезбедување на Зоран Заев претепа 10 лица од кои дел и малолетници и истиот случај МВР не го заведе ниту во билтен иако бил уредно пријавен. Во тоа време медиумите добиваа закани вестите за овој случај да ги повлекуваат, закани кои ги упатувал адвокатот на Заев. Дури после притисокот на јавноста признаа, но никој не дозна дали и како одговараше обезбедувањето на Заев за претепувањето на децата – велат од ВМРО-ДПМНЕ.

Од таму додаваат дека за разлика од СДСМ, која заташкува или премолчува работи, ВМРО-ДПМНЕ веднаш реагира и бара бескомпромисна реакција на институциите и спроведување на законот.

-Впрочем така и ќе продолжиме во иднина. Ова е порака до сите кои ќе се огрешат пред законот. Без разлика кои се и од каде се, сите ќе одговараат и нема да бидат толерирани. Тоа важи за членовите на ВМРО-ДПМНЕ и за сите останати граѓани. Многу скоро во тоа ќе се увери и јавноста, СДС, ДУИ и сите останати политички субјекти во Македонија.  Нема да има милост кон никој што ќе се огреши пред законот – велат од ВМРО-ДПМНЕ.

 

 

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот