СДСМ бега од дебатата за заемот затоа што нема аргументи, вели Стојаноски
Пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Бојан Стојаноски, обвини дека СДСМ избегала од собраниската дебата за новото задолжување, бидејќи, како што рече, нема аргументи со кои би ги поткрепила своите тврдења.
Препорачано
-
1
-
2
-
3
„Кога станува збор за лаги и инсинуации, во моментот кога аргументите треба да се соочат таму каде што им е местото – на собраниската Комисија – нив едноставно ги нема“, изјави Стојаноски.
Тој рече дека аргументите на СДСМ „паѓале еден по еден“.
„Прво се тврдеше дека во салата 4 нема просторни услови, односно нема каде да се седи – обезбедивме место. Потоа се тврдеше дека заемот е ставен како втора точка на дневниот ред – ја ставивме како прва точка. И кога дојде моментот тие аргументи да се соочат во Собранието, СДСМ одлучи да го направи она што го прави со месеци и години наназад: да избега од дебата“, рече Стојаноски.
Според него, биле „целосно демонтирани“ и тврдењата на опозицијата дека ќе дојде до крах на пензискиот систем, дека Буџетот нема да може да ги издржи покачувањата на платите, дека ќе има прилив на мигранти и дека државата нема да може да повлече средства од Европската Унија преку Планот за раст.
„Како што вчера изјавија дека нема да дозволат ваков заем да помине, така денес, на една бенигна прес-конференција, можевме да видиме дека нема да учествуваат ниту во дебатата. Причината е едноставна – свесни се дека немаат аргументи“, изјави пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ.
Стојаноски рече дека станува збор за „најповолни можни услови“ што моментално се достапни на пазарот и, како што кажа, „убедливо најповолни услови што некоја земја од регионот ги има обезбедено“.
Тој тврди дека со овие средства ќе продолжи реализацијата на капиталните инвестиции, наведувајќи дека градежниот сектор бележи двоцифрен раст во повеќе квартали, а економијата раст од околу 3,5 проценти шест квартали по ред.
„Со овие средства ќе се финансираат повисоки плати, повисоки пензии, изградба на три автопати, брза железница и реконструкција на постојните пруги, нови болници и училишта, како и продолжување на реализацијата на над 1.200 капитални проекти низ државата“, рече Стојаноски, додавајќи дека дел од средствата ќе бидат искористени и за отплата на еврообврзница земена во 2020 година, која доспева во јуни.
Пратениците на СДСМ претходно денеска најавија дека ќе се повлечат од собраниската Комисија за финансирање и буџет, а причината, како што рече лидерот Венко Филипче, е огромното задолжување на Владата која „ја турка земјата во должничко ропство“.
„Последниот предлог е да се земат 300 милиони евра од банки, но банките на Владата не ѝ ги дозволија, што укажува на веќе постоечки сомнежи во нашиот кредитен рејтинг. Имено, конзорциум на банки дозволи кредит од само 260 милиони евра, со ужасно голема каматна стапка од близу 4,5 отсто. Првото прашање што се поставува е: каде одат овие пари? Нема редовна исплата на плати по јавните институции. Нема ниту размислување, а камоли најава за зголемување на минималната плата. Се доцни со социјалните трансфери, се доцни со повратот на ДДВ кај компаниите кои се месечни и тримесечни обврзници. Вкупната сума на пари што оваа Влада им ја должи на компаниите за поврат на ДДВ изнесува близу 200 милиони евра. Овие пари одат само за партиски тендери. И тоа е единственото нешто што добро функционира кај оваа власт“, изјави Филипче.
ВИДЕОИНТЕРВЈУ| Фатмир Битиќи: Никогаш досега немало толкава беспарица во државната каса


