СДСМ бара Владата да ги намали акцизата на горивата и ДДВ на храната, да ги преполови патарините
СДСМ во текот на денот ќе поднесе пакет законски предлози со цел намалување на ценовниот притисок врз граѓаните, во услови на растечки трошоци за живот, најави лидерот на опозициската партија, Венко Филипче.
Препорачано
„Ќе ги поднесеме нашите предлог-закони за намалување на акцизата на горивата, намалување на ДДВ-то за основните прехранбени производи и преполовување на патарините. Апелираме до оваа ненародна, корумпирана власт да ги прифати и да им излезе во пресрет на граѓаните“, изјави Филипче.
Според него, Владата не презема соодветни мерки во време на економска криза и раст на цените.
„Не растат платите, а наместо итни владини седници за помош на граѓаните, владиниот тим се шета во Брисел на прослави“, рече Филипче.
Тој нагласи дека граѓаните се соочуваат со сериозен економски притисок, особено поради најавените поскапувања на струјата и растот на цените на основните производи.
„Кога граѓаните утре нема да можат да ги платат надуените сметки за струја и нема да можат да обезбедат ни половина од потрошувачката кошничка, треба да се сетат дека премиерот бил на прослава на ЕПП“, додаде Филипче.
Вчера во попладневните часови стигна веста дека на бензинските пумпи на „Окта“, „Макпетрол“, „Пуцко“ и „Лукоил“ бензинот се продава по пониска цена за околу 2,5 денари со вклученото ДДВ поради попустот од 2 денари што го даде најголемиот снабдувач со нафтени деривати „Окта“ во петокот. Тогаш, на прес-конференција се потенцираше дека попустот е оперативен веднаш и оти бензинските пумпи може веднаш да го пренасочат кон потрошувачите.


