Попустот од „Окта“ по пет дена конечно стигна на бензинските
На 13 март министерката за енергетика Сања Божиновска и директорот на „Окта“ Димитриос Пасхос одржаа заедничка прес-конференција на која најавија дека до крајот на март „Окта“ како општествено одговорна фирма дава попуст од 2 денари. Со забелешки се јави „Макпетрол“
Вчера во попладневните часови стигна веста дека на бензинските пумпи на „Окта“, „Макпетрол“, „Пуцко“ и „Лукоил“ бензинот се продава по пониска цена за околу 2,5 денари со вклученото ДДВ поради попустот од 2 денари што го даде најголемиот снабдувач со нафтени деривати „Окта“ во петокот. Тогаш, на прес-конференција се потенцираше дека попустот е оперативен веднаш и бензинските пумпи може веднаш да го пренасочат кон потрошувачите.
Препорачано
Сепак, на овој попуст му требаа пет дена да стане оперативен. Веста, пак, дека конечно граѓаните може да го искористат стигна како брифинг преку Министерството за енергетика.
Минатиот петок, по прес-конференцијата, дури ни бензинските пумпи на „Окта“ не ја намалија цената за 2 денари иако директорот на „Окта“ Димитриос Пасхос рече дека од тој ден, па до крајот на март, цената по која тие го продаваат бензинот и дизелот е со попуст.
Истиот ден „Макпетрол“ излезе со соопштение дека очекувале уште поголемо намалување на цените од страна на „Окта“ затоа што „добавувачот во изминатиот период продаваше по многу повисоки цени од малопродажните регулирани цени од страна на РКЕ и остваруваа профити, додека трговците на мало работеа во загуба“.
Пред три дена, пак, „Макпетрол“ рече дека до тој ден до нив не стигнал официјален допис врз чија основа би се промениле договорните услови помеѓу двете компании.
По ова стигна одговор од „Окта“ дека нивниот попуст е применлив кај сите трговци што набавуваат од нив гориво.
„Оваа придобивка е обезбедена преку кредитни одобренија издадени на 13 март 2026 или директно е пресметана во фактурите за продажба издадени на 16 март 2026, со што се овозможува негова целосна практична примена. Иницијативата е доброволна и им овозможува на трговците да ја пренесат придобивката на крајните потрошувачи. Сепак, трговците на големо и мало, имаат целосна слобода самостојно да ги одредат своите продажни цени“, соопштија од „Окта“.
На 13 март министерката за енергетика Сања Божиновска и директорот на Окта Димитриос Пасхос одржаа заедничка прес-конференција, на која најавија дека до крајот на март „Окта“ како општествено одговорна фирма дава попуст од 2 денари. Грчката компанија ова го поврза и како материјализирање на конечното пуштање во употреба на продуктоводот „Вардакс“.
Истиот ден, премиерот Христијан Мицкоски ова го најави како завршена работа. Тој рече дека разговарал со трговците и очекува веднаш да се намали цената на горивата.


