Саудиска Арабија ги избрка иранските дипломати
Саудиска Арабија ги известила иранскиот воен аташе, неговиот помошник и уште тројца членови на персоналот на амбасадата дека мора да го напуштат кралството во рок од 24 часа, откако биле прогласени за персона нон грата, соопшти во саботата саудиското Министерство за надворешни работи, повикувајќи се на, како што наведе, континуираните ирански напади врз територијата на земјата.
Препорачано
Саудиска Арабија е изложена на напади со стотици ирански ракети и дронови од почетокот на американско-израелската војна со Иран, при што огромното мнозинство од нив биле пресретнати, пренесува „Мидл ист онлајн“.
Рано изутрина во неделата, Министерството за одбрана на Саудиска Арабија соопшти дека околу главниот град биле детектирани три балистички ракети.
„Една ракета беше пресретната, додека, пак, другите две паднаа во ненаселено подрачје“, објави портпарол на министерството на социјалните мрежи.
Министерството во соопштение наведува дека продолжените ирански напади ќе доведат до натамошна ескалација и ќе имаат „значајни последици“ врз сегашните и врз идните односи, со што повеќепати ги осуди нападите, кои биле насочени кон локации како дипломатскиот кварт во Ријад, каде што се наоѓаат странските амбасади, како и кон една рафинерија.
Војната дополнително го потресе енергетскиот сектор на Блискиот Исток, откако нападите на Иран врз неколку земји од Заливот, меѓу кои и Саудиска Арабија, доведоа до нарушувања во извозот на нафта и природен гас, како и до прекини во производството.
Во таква атмосфера на растечка напнатост, и Катар минатата недела им нареди на иранските воени и безбедносни претставници да ја напуштат земјата во рок од 24 часа, по нападот врз голем гасен објект.
Саудиска Арабија сега презеде сличен чекор, а судискиот министер за надворешни работи, принцот Фајсал бин Фархан, порача дека довербата кон Техеран е целосно урната и дека кралството ќе ги искористи сите политички, економски и дипломатски механизми за да ги запре нападите.
Тој оцени дека ударите врз Ријад, додека таму се одржувал регионален состанок, не можат да се сметаат за случајност, туку за јасна порака од Иран кон своите соседи.
Папата Лав со потресна порака за војната во Иран: Ова е крик пред Бога


