Папата Лав со потресна порака за војната во Иран: Ова е крик пред Бога
Ова постојано насилство ги ранува сите, она што им штети ним, му штети на целото човештво, рече папата Лав 14 говорејќи за војната во Иран и за сите други тековни војни во светот.
Папата Лав 14 изрази длабока загриженост поради актуелната состојба на Блискиот Исток, како и во други делови од светот „распарчени од војна и од насилство“. Тој нагласи дека „не можеме да останеме неми пред страдањето на толку многу луѓе, невини жртви на овие конфликти“, објави „Ватикан њуз“.
Препорачано
Неговата изјава следуваше по заедничката молитва на плоштадот „Свети Петар“, каде што и покрај дождливото време во Рим се собраа илјадници верници. Папата повика на прекин на насилството низ светот и апелираше сите да истраат во молитвата, бидејќи „не можеме да останеме неми пред страдањето на толку многу луѓе кои се невини жртви на овие конфликти“.
– Ова постојано насилство ги ранува сите, она што им штети ним, му штети на целото човештво – посочи тој.
Папата Лав предупреди дека болката, смртта и страдањето што ги носат овие војни „се скандал за целото човечко семејство и крик пред Бога“. Потоа ги охрабри сите да истраат во молитвата, за „непријателствата да престанат и конечно да се отворат патишта на мирот, засновани врз искрен дијалог и врз почитување на достоинството на секое човечко суштество“.
Додека папата го упатуваше овој апел, и натаму пристигнуваат извештаи за растечкиот број жртви на Блискиот Исток, каде што насилството влезе во 23-от ден. Се верува дека повеќе од 1.000 луѓе се убиени во Либан, најмалку 160 луѓе се повредени во иранските ракетни напади врз израелски градови рано утринава, а во Заливот, Саудиска Арабија и Бахреин пријавија повеќе дронови и ракети во нивниот воздушен простор. Во Иран, бројот на загинати се проценува на околу 1.444, а повеќе од 18.000 луѓе се повредени.
Пред да го даде својот апостолски благослов, папата ги поздрави и илјадниците тркачи што учествуваа на Римскиот маратон, кој се одржуваше низ срцето на Рим.
– Гледајќи толку многу спортисти од различни земји, тоа е знак на надеж –рече тој, изразувајќи желба спортот да може „да создава патишта на мир, социјална вклученост и духовност“.


