Самопрогласен „англо-џихадист“ осуден на доживотен затвор во Британија – планирал бомбашки и хемиски напад
Британски рецепционер во вежбалница кој се самопрогласил за „англо-џихадист“ е осуден на доживотен затвор поради планирање бомбашки и хемиски напад врз еден голем трговски центар. Џордан Ричардсон (21) од Хауден, Источен Јоркшир, кој преминал во ислам, е осуден откако во неговиот ранец бил пронајден рецепт за бојниот отров иперит, објави Sky News.
Препорачано
Ричардсон бил уапсен на 19 декември 2024 година на пат кон работа во блискиот Гул. Во неговата торба биле пронајдени рачно напишани белешки, од кои една детално го опишувала планот за напад.
„Да стигнам до скриен видиковец, да ставам гасна маска, опрема, да го наполнaм самострелот, да ги фрлам сите гранати во толпата, да пукам во минувачите, да избодам секој што ќе се приближи, да не дозволам да ме фатат жив“, напишал тој.
Во друга белешка се наоѓале состојки и упатства за изработка на иперит, озлогласен боен отров кој предизвикува плускавци, користен во Првата светска војна, а чие вдишување може да биде смртоносно.
Поротата за време на судењето дознала дека мајката на Ричардсон се отселила, тој ја прекинал врската со девојката и времето го минувал сам во станот, играјќи видеоигри и комуницирајќи преку интернет.
При претрес на неговиот дом, полицијата пронашла борбен нож во футрола, самострел купен преку интернет и 11 стрели. Пронашле и поврзаност со видео на ИСИС со упатства за изработка на бомби, истото она што го користел и бомбашот од Манчестер Арената, а кое прикажува како се изработува високоексплозивниот ТАТП.
Ричардсон е прогласен за виновен за подготовка на терористички дела, што вклучува набавка на оружје, истражување експлозиви, утврдување можни локации и разгледување на чекорите потребни за извршување на нападот. Исто така, осуден е по три точки од обвинението за поттикнување тероризам и по две точки за поседување упатства за изработка на бомби.
Судијката Чима-Граб го осуди на доживотен затвор со минимална казна од 16 години. Во образложението наведе дека покажал „вистинска идеолошка посветеност на насилниот џихад“ и дека „не бил на пат кон дерадикализација“.
„Да не ја осуетеше противтерористичката полиција вашата намера, нападот ќе го извршевте во рок од само неколку недели“, му порача судјиката.
„Поротата ја отфрли вашата приказна, а ја отфрлам и јас“
„Се браневте тврдејќи дека вашата комуникација на интернет била само фантазиска игра на улоги, во која сте уживале кршејќи табуа преку изразување омраза и величање екстремистичко насилство“, рече таа. „Поротата ја отфрли таа приказна, а ја отфрлам и јас.“
„Врз основа на природата, упорноста и зачестеноста на вашите објави, уверена сум дека сте имале намера да ги искористите самострелот и ножот за терористички напад во Британија, и тоа на место каде што би бил загрозен голем број луѓе“, заклучи судјиката на Кралскиот суд во Лидс.


