Само во Америка: Возач на школски автобус запрел за да купи пушка, па ја возел заедно со децата
Возач на училишен автобус во американската држава Њујорк, додека тргнувал на должност – да превезува ученици, запрел за да купи пушка во продавница на синџирот „Волмарт“, по што ја ставил под седиштето во автобусот и продолжил да вози собирајќи ги патниците, јавуваат американските медиуми.
Препорачано
Полицијата на државата Њујорк во понеделникот примила пријава дека 57-годишниот Дејвид Фери од градот Нејплс купил пушка со калибар 5,56 милиметри во продавницата, пред да тргне со автобусот на дневната рута во централниот училишен округ во Нејплс.
Полицајци од Канцеларијата на шерифот на округот Онтарио го запреле автобусот со Фери и 12 ученици, по што извршиле претрес и ја пронашле пушката под возачкото седиште во нејзиното оригинално пакување. Велат дека не била пронајдена муниција.
Шерифот на округот Онтарио, Дејвид Сиренчоун, изјави дека во автобусот се превезувале средношколци. Според полицијата, ниту еден ученик не бил во автобусот кога Фери ја купил пушката, а нема индиции дека тој имал намера да ја користи пушката за насилство во училиштето.
Фери е обвинет за криминално поседување оружје на училишен имот и загрозување на благосостојбата на децата, а ако биде осуден, може да добие до пет години затвор.
Училишната област соопшти дека возачот добил отказ.


