Само велешките кајакари му се радуваат на надојдениот Вардар

Надојдените води на реката Вардар низ Велес по последниве дождови деновиве влеваат загриженост oд можни поплави за жителите на куќите и објектите во близина на брегот на реката, како и на земјодеците кои имаат бавчи со пластеници во населбата Речани, од спротивната страна на Градскиот Парк. Но, од друга страна, на надојдените и брзи води на Вардар им се радуваат велешките кајакари, кои токму неделава ги имаат најинтензивните подготовки за претстојните првенства пролетва – европското и светското.
Диме Стефановски, тренер и раководител на Кајакарскиот и кану Клуб „Вардар” од Велес, надојдениот Вардар за кајакарите значи „вежби за сила, моќ и надмоќ со дивите води“.
„Овие надојдени води на Вардар се одлична можност за кајакарите, за добивање на снага и вештини на брзина. Ваквите вежби во брзи и надојдени води на Вардар, во многу ќе придонесат овие млади веќе успешни велешки и македонски кајакари да добијат подобрат својата форма и физичка подготвеност за претстојните европско и светско првенство“, вели Стефановски.
Тој неделава секој ден има редовни интензивни и напорни подготовки со своите кајакари. Тоа се младите и веќе успешни велешки кајакари Филип, Иле, Мартин, Стојанче, Валентино. Со нив интензивно тренираше и нивниот постар клупски колега и моментално најдобриот македонски кајакар, Ангелче Петрушевски, кој се подготвува за меѓународните натпревари како предводник на македонската кајак-кану репрезентација.
18-годишниот Петрушевски е член на ККК „Вардар“. Тој лани беше прогласен за најдобар македонски кајакар и за најдобар спортист на Велес за 2022 година.
-Моментално тој е најдобар во земјава и по подготовките во Вардар во Велес, планираме да продолжиме со подготовки во Словенија, за претстојните европско сениорски првенство на диви води во Краков Полска, а потоа и на Светското сениорски првенство во Англија, а кои се виза за претстојната Олимпијада во Париз 2024, а за каде се надеваме дека ќе се пласираме за учество и освојување на медал, вели Стефановски.
Петрушевски лани беше најдобар на сите македонски купови, а го освои и високото четврто место на Европското јуниорско првенство на кајак-слалом на диви води во Чешка.
КК „Вардар Велес” постои од 1997 години и низ него поминале многу успешни велешки и македонски кајакари, а Ангелче Петрушевски е еден од најдобрите. Клубот моментално број 15 членови на возраст од 8 до 21 година.
-Клубот е отворен и за прием на нови членови на кои предизвик им се брзите и диви води на реката и сакаа натпревари и победи, потенцира раководителот и тренер на ККК „Вардар Велес, Диме Стафановски.