САД против ИРАН: Предностите и слабостите на двете воени сили

Фото: Профимедиа

Кога ќе се споредат односите и распоредот на силите на американската и иранската војска, резултатот е следен:

Убиството на генералот Касем Сулејмани, вториот најмоќен човек во Иран, по наредба на американскиот претседател Доналд Трамп доведе до ескалација на веќе затегнатите односи меѓу Техеран и Вашингтон, но ја влоши и веќе опасната ситуација на целиот Блиски исток, пишува „Блиц“.

Заканите дека ќе се одмаздат за убиството на генералот Иран го спроведе на дело – по наредба на Техеран извршен е ракетен напад врз две американски воени бази во Ирак. Набрзо потоа падна и украински патнички авион, само неколку минути по полетувањето од аеродромот во Техеран. Иако информациите велат дека падот најверојатно е поради дефект на моторот, се уште не е исклучена можноста и тој да бил жртва на иранската одмазда.

Светот сега со внимание чека дали САД и Иран ќе преминат во отворена војна која би имала катастрофални последици за целиот регион, но и за планетата. Додека меѓународната заедница апелира да се смират страстите, аналитичарите веќе ги разгледуваат односите на силите на САД и Иран, и кои се стратешките предности на двете страни во потенцијалниот судир.

Ако статистички се споредат двете војски, ситуацијата е јасна – Америка на располагање ја има најсилната и најбројната војска на светот, најголемиот буџет за нејзино вооружување и речиси четириесет бази во сојузничките земји кои ја опкружуваат иранската граница.

Меѓутоа, Иранците на своја страна имаат адути кои им ги признаваат и американските официјални лица – сојузнички војски ширум светот, вешти сајбер и терористички напади и географска предност.

Кога ќе се споредат односите и распоредот на силите на американската и иранската војска, резултатот е следен:

Иран

Исламската република на располагање има околу 523.000 активен персонал во војската, морнарицата и воздухопловните сили. Но со популација поголема од 83.000.000 жители, во случај на криза земјат може да мобилизира дополнителни 47 милиони луѓе.

Иранскиот буџет за одбрана изнесува 6,3 милијарди долари годишно. Нивните копнени сили се состојат од 8,577 борбени тенкови, ракетни проектори, артилерија, оклопни борбени возила и влечна артилерија.

Фото: EPA-EFE/ABEDIN TAHERKENAREH

Воздушните сили, вклучувајќи ги сите авиони и хеликоптери, изнесуваат 512 активни летала, а морнарицата има 398 бродови, подморници и мини.

Во извештајот на амерканското министерство за одбрана наведено е дека иранските ракети се најсилни на целиот Блиски исток. Иран во активна употреба има десет типови на ракети, а вкупната ракетна артилерија изнесува 1,438 парчиња.

Иран во моментов нема нуклеарно оружје, но има знаење и капацитети да го создаде, и тоа во рок од неколку месеци, сега кога не мора да ги почитува лимитите на Нуклеарниот договор.

САД

Американската војска има активни 1.281.900 членови и дополнителен капацитет од 144.872.845 жители кои би можела да ги мобилизира.

Американскиот одбранбен буџет е најголем на светот и изнесува 716 милијарди долари.

Фото: Профимедиа

Ракетниот капацитет е послаб од иранскиот и брои 1,197 парчиња, а земјата користи само седум типови на ракети. Меѓутоа, американските ракети се меѓу најсовремените на светот, вклучувајќи ја и ракетата „тридент Д-5“ и интерконтиненталната балистичка ракета ИБЦМ.

Се претпоставува дека САД и Русија заедно имаат околу 90 отсто од вкупниот број на нуклеарни боеви глави на светот и двете држави имаат релативно еднаква бројка на вакво оружје.

Америка, исто така ја има најголемата воздушна и поморска воена сила на светот која вклучува 48,422 борбени тенкови, ракетни фрлачи, артилерија, оклопни борбени возила и влечна артилерија.

Предности и слабости на иранската војска

Клучната сила на иранската војска е нејзиниот арсенал на ракети. Според Центарот за меѓународни студии во Вашингтон, Иран има најголем и најразноврсен ракетен арсенал на Блискиот исток, а некои од нејзините балистички ракети и крстосувачки ракети можат да погодат мети оддалечени на околу 2.000 километри, вклучувајќи и некои делови на југоисточна Европа.

Во случај на било каков копнен напад, Иран би бил заштитен од сопствената геофрафска положба – земјата е опкружена со океан и планини, додека во нејзиниот центар има пустина.

Исто така, иранската војска е обучена за сајбер-напади кои често успешно ги спроведуваше во минатото.

Техеран е посветен на модернизација на својата војска и постигна брз напредок во развојот на своите беспилотни летала, како што е „Raad 85 UAV“, кој често е нарекуван „самоубиствен дрон“.

Техеран исто така може да го засили својот воен ангажман по пат на сојузничките мрежи шриум регионот. Тоа главно се шиитските сили непријателски се расположени кон Америка, Израел и Саудиска Арабија. Сојузничките милитантни групи на Иран се распоредени во Сирија, Ирак, Јемен и Либан, но дури и во Африка и Јужна Америка.

Меѓутоа, многу аналитичари сметаат дека Иран не би можел да „издржи“ во воениот судир поради лошата економија, но и поради фактот што поголемиот дел од нејзините сојузници се бунтовнички групи, а не државни фигури.

Предности и слабости на САД

Америка на своја страна има ипресивни воздушни сили, огромен број на регионални воени бази и клучни сојузници. Само во земјите на Блискиот исток кои се сојзници на Вашигтон распоредени се околу 65.000 американски војници.

И покрај постепеното повлекување од Ирак изминатите години, Америка и понатаму има околу 800 бази ширум светот, од кои околу 40 директно ги опколуваат иранските граници.

Најважна меѓу нив е базата Инџирлик во Турција, во која се наоѓа американското нуклеарно оружје. Таа воедно е и слабата точка, поради проблематичните односи меѓу Вашингтон и Анкара, и многу американски аналитичари стравуваат дека оружјето станало „турски заложник“.

САД имаат важни регионални сојузници како Садуска Арабија, Обединетите Арапски Емирати, Турција, Египет и Израел, и сите земји имаат најнови летала создадени со западната технологија, што им дава технолошка предност над Техеран.

Се смета дека Израел е единствената нуклеарна сила во регионот со околу 90 боеви глави. Америка има илјадници такви боеви глави.

Американските сојузници исто така ги контролираат трговските рути како Суецкиот Канал и важните регионални ресурски, како што е нафтата.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот