Руската полиција упадна во „Новаја Газета“, приведен е новинар
Припадници на Федералната служба за безбедност на Русија денеска извршиле претрес во канцеларијата на „Новаја Газета“ во Москва, објави Ројтерс.
Препорачано
Според информациите, маскирани полициски службеници пристигнале околу пладне и веднаш започнале со претрес на просториите.
Од редакцијата соопштија дека причините за акцијата засега не им се познати, а на нивните адвокати им било оневозможено да влезат во канцеларијата, каде што во моментот се наоѓале дел од вработените.
Државната агенција РИА Новости, повикувајќи се на полициски извори, наведува дека акцијата можеби е поврзана со истрага за наводно незаконско користење лични податоци. Во рамки на операцијата бил приведен и Олег Ролдугин, истражувачки новинар на независниот весник „Новаја Газета“.
Од руското Министерство за внатрешни работи информираат дека кривичната постапка е покрената на 10 март под слични сомневања.
„Истражните дејствија овозможија да се идентификува група лица кои преку нелегални извори пристапувале до лични податоци“, наведуваат од министерството, без да прецизираат кои лица се опфатени со случајот.
Во соопштението се додава дека според нивните сознанија, овие податоци биле користени за подготовка на текстови со „негативна содржина за руските граѓани“.
Дел од новинарите на „Новаја Газета“ ја напуштија Русија во март 2022 година, по што во Латвија беше формирана „Новаја Газета Европа“, со цел да се избегнат ограничувањата наметнати со руските закони за цензура.
Веб-страницата на „Новаја Газета“ беше блокирана во ноември 2022 година, а медиумската лиценца ѝ беше одземена во февруари 2023 година.
Според ТАСС, истрагата ги опфаќа и можните врски на весникот со „Новаја Газета Европа“, како и со Рускиот антивоен комитет.
Русија размислува да ја откаже парадата на 9 мај поради страв од украински напади
Унгарија и Русија договорија план од 12 точки – објавени се деталите


