воена парада москва русија 2022
Москва, Русија / EPA-EFE/MAXIM SHIPENKOV

Русија размислува да ја откаже парадата на 9 мај поради страв од украински напади

Руските власти наводно сериозно размислуваат за откажување на традиционалната воена парада на Црвениот плоштад во Москва и парадата во Санкт Петербург на 9 мај, поради страв од можни напади од украински ракети со долг дострел, објави „Москва тајмс“.

Ова би бил прв пат по 30 години главната парада за Денот на победата да не се одржи или ќе биде значително намалена, се вели во натписот на рускиот весник.

Воздушниот дел од парадата веќе е откажан, а генералната проба за копнениот дел, која беше закажана за 5 април, беше ненадејно откажана. Војниците и опремата се вратени во постојаните бази до понатамошно инструкции. Кремљ досега избегнуваше директни одговори околу одржувањето на настанот, пренесеуваат медиумите.

Портпаролот Дмитриј Песков минатата недела изјави дека надлежните се подготвуваат за прославата на Денот на победата.

Од друга страна руските воени блогери кои ги следат случувањата, велат дека ризик од украински напади постои.

„Замислете парада, внимание, смиреност!, а потоа се огласуваат сирените за воздушни напади. Што ќе се случи на и околу плоштадот? Тоа би бил огромен медиумски удар, дури и ако ништо не е погодено – истакна рускиот блогер Илја Туманов, кој гостуваше во емисија „Соловиев во живо“.

Инаку, Украина во последните месеци демонстрираше значајни способности за удари со долг дострел. Крстосувачката ракета „фламинго“ веќе погоди голема фабрика за ракети во Перм и фабрика за експлозиви во регионот Самара.

Балистичката ракета ФП-9 е исто така во развој. Таа би била исклучително тешка за пресретнување поради нејзината голема брзина и надморска височина.

Москва е оддалечена околу 450 км од украинската граница, што значи дека ракетите би можеле да пристигнат за 10 до 30 минути.

Од почетокот на целосната инвазија на Украина во 2022 година, парадите веќе се значително намалени. Воздушната компонента беше откажана во 2022 и 2023 година, а модерните оклопни возила речиси и да не се изложуваат на воените паради. Во последниве години, парадите беа пократки и поскромни поради војната и недостатокот на опрема.

Одлуката за откажување на парадата во Москва би била силен симболичен удар за Владимир Путин, бидејќи Денот на победата е еден од најважните датуми во Русија.

Додека некои извори зборуваат за можно целосно откажување или намалување на 30-40 минути, Кремљ тврди дека подготовките продолжуваат. Конечната одлука се очекува да биде донесена во наредните недели, објавуваат медиумите.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот