Русија нема да му честита на Маѓар бидејќи Унгарија е непријател, вели Песков
Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, изјави дека рускиот претседател Владимир Путин во моментов нема планирани контакти со новоизбраниот унгарски премиер Петер Маѓар, но дека очекува тие „на крајот да се случат“.
Кремљ денеска соопшти дека нема да му честита на новоизбраниот унгарски премиер Петер Маѓар за изборната победа по парламентарното гласање одржано еден ден претходно, објави „Анадолија“.
Препорачано
– Ние не испраќаме честитки до непријателски земји. А Унгарија е непријателска земја, таа ги поддржува санкциите против нас – изјави портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков.
Песков додаде дека Москва имала дијалог со премиерот во заминување Виктор Орбан.
Во интервју за државната новинска агенција ТАСС, Песков изјави дека рускиот претседател Владимир Путин во моментов нема планирани контакти со Маѓар, но очекува тие „на крајот да се случат“.
Маѓар, пак, денеска изјави дека, доколку рускиот претседател Владимир Путин му се јави, тој би разговарал со него и би му рекол да ја заврши војната во Украина.
Претходно денеска, Песков им изјави на новинарите дека гласачите во Унгарија го направиле својот избор и дека Русија го почитува исходот од неделните избори, на кои Маѓар го победи Орбан, ставајќи крај на неговото 16-годишно владеење.
Тој рече дека Русија и понатаму е заинтересирана за одржување добри односи со Унгарија, како и со другите европски земји, и посочи дека има изјави кои укажуваат на подготвеност за дијалог.
– Се надеваме дека ќе ги продолжиме нашите многу прагматични контакти со новото унгарско раководство – рече тој.
Според Националната изборна канцеларија на Унгарија, опозициската партија Тиса, предводена од Маѓар, освоила 69,35 отсто од гласовите и 138 пратенички места, со обработени 98,94 отсто од гласачките ливчиња.
Сијарто уништува тајни документи во унгарското МНР, вели Маѓар


