Петер Маѓар, фото официјален Фејсбук профил на политичарот
Петер Маѓар, фото официјален Фејсбук профил на политичарот

Маѓар: Ако ми се јави Путин, ќе кренам

Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, изјави дека Русија го почитува исходот од гласањето во Унгарија и очекува да ги одржи контактите со новото раководство на земјата.

Победникот на изборите во Унгарија, Петер Маѓар, денеска изјави дека, доколку рускиот претседател Владимир Путин му се јави, тој би разговарал со него и би му рекол да ја заврши војната во Украина, објави „Асошиејтед прес“.

– Ако Владимир Путин се јави, ќе кренам. Ако навистина разговараме, би можел да му кажам дека би било добро да се запре убивањето по четири години и да се стави крај на војната. Веројатно тоа би бил краток телефонски разговор и не мислам дека тој би ја завршил војната по мој совет – рече тој на својата прва прес-конференција по убедливата победа над премиерот Виктор Орбан, сојузник на Путин.

Изјавата на Маѓар веројатно била дочекана со задоволство од многумина низ Европската Унија, кои веќе биле навикнати на помирливиот тон на Орбан кога станува збор за војната или за Путин.

Од еуфоричните толпи покрај Дунав во Будимпешта до извршните канцеларии во Брисел, пофалби, па дури и нескриена радост, се ширеа за идниот унгарски лидер откако тој победи на неделните избори со убедлива разлика. Но, изливот на реакции по неговата победа главно беше насочен кон изгледите повеќе да не мора да се соочуваат со Орбан, кого многумина го сметаа за закана за мирот и просперитетот на Европа.

Со падот на Орбан, Унгарија може да ја отпушти кочницата за Украина во ЕУ

Многумина се надеваат дека победата на Маѓар ќе помогне да се ослободи Европската Унија, составена од 27 држави, во време кога таа се соочува со хибридни напади од Москва, непријателски настроен Вашингтон и економски притисок од Пекинг. Лидерите на ЕУ сè повеќе беа фрустрирани од Орбан поради преземањето на демократските институции и поради блокирањето на стратешки важни одлуки, како заемот од 90 милијарди евра (105 милијарди долари) за Украина.

„Сите Унгарци знаат дека ова е заедничка победа. Нашата татковина ја донесе својата одлука. Таа сака повторно да живее. Таа сака да биде европска земја“, рече Маѓар за време на својот победнички говор во неделата.

Отклучување на средствата на ЕУ за Украина

Откако Маѓар ќе положи заклетва во мај, новиот премиер потенцијално би можел да го укине ветото на Унгарија и да ѝ овозможи на Европската комисија да ѝ го обезбеди на Украина заемот од 90 милијарди евра (105 милијарди долари), на кој Орбан се согласи во декември, а потоа се повлече од договореното, предизвикувајќи гнев кај другите европски лидери.

Дипломати на ЕУ в среда ќе разговараат како најдобро и најбрзо да се префрлат тие средства во Киев, изјавил кипарски претставник под услов на анонимност, бидејќи немал овластување да зборува јавно. Кипар во моментов претседава со ротирачкото претседателство на ЕУ.

Унгарија граничи со Украина, а проруски настроениот Орбан долго време го демонизираше украинскиот претседател Володимир Зеленски. Честитајќи му на Маѓар преку „Икс“, Зеленски изјави дека „подготвени сме за средби и за заедничка конструктивна работа во интерес на двете нации, како и за мирот, безбедноста и стабилноста на Европа“.

Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, изјави дека Русија го почитува исходот од гласањето во Унгарија и очекува да ги одржи контактите со новото раководство на земјата.

Тој рече дека „што се однесува до тоа какви потези ќе преземе новото раководство на Унгарија, веројатно треба да бидеме трпеливи и да видиме што ќе се случи“.

Кој е Петер Маѓар, човекот што го собори својот детски идол Орбан?

 

Европските институции се надеваат дека проблемот со Орбан е завршен

Изгледите за поагилна и побрза Европа поттикнаа бран пофалби за Маѓар од повеќе европски лидери. Преговарачите на ЕУ сè почесто мораа да наоѓаат заобиколни решенија кога Орбан блокираше политички одлуки. Тој, исто така, го кочеше и пристапувањето на Шведска во НАТО.

Маѓар рече дека во неделата вечерта — уште пред да излезе на сцената за да ја објави својата победа — добил телефонски повици од францускиот претседател Емануел Макрон, генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, германскиот канцелар Фридрих Мерц и претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен, која Орбан честопати ја напаѓаше за време на кампањата.

– Денес Европа е унгарска. Народот на Унгарија проговори и повторно го врати својот европски пат – рече Фон дер Лајен на прес-конференција во Брисел во понеделникот.

Денес победува Европа и победуваат европските вредности“, напиша левичарскиот шпански премиер Педро Санчез на „Икс“ во неделата вечерта.

Полскиот премиер од десниот центар Доналд Туск на социјалните мрежи порача: „Повторно заедно! Славна победа, драги пријатели!

ВИДЕО | Маѓар одржа говор: Го соборивме системот на Орбан, ја ослободивме Унгарија

Удар за популистичката десница во Европа

Поразот на Орбан одекна низ светот, вклучително и преку Атлантикот, каде што американскиот претседател Доналд Трамп ја поддржа неговата кандидатура за реизбор, па дури минатата недела го испрати и американскиот потпретседател Џ.Д. Венс во Будимпешта да агитира за актуелниот премиер.

Победата на Маѓар може да сигнализира пресврт во европската политика, која во изминатата деценија беше обележана со јакнење на крајната десница. Маѓар доаѓа од десничарска политичка средина, но се дистанцираше од начинот на владеење на Орбан.

– Во време кога националистичките партии напредуваат во Германија и во Франција, изборниот земјотрес во Унгарија покажува дека Унгарците испраќаат сигнал до светот. Иконата на нелибералните антиeвропски сили сега доживеа неуспех, соборена од катастрофалната економија, корупцијата и од сопствениот неправеден изборен систем – изјави германскиот пратеник Даниел Фројнд.

Популистичките сојузници на Орбан во ЕУ и на Балканот, чешкиот премиер Андреј Бабиш, словачкиот премиер Роберт Фицо и српскиот претседател Александар Вучиќ, му честитаа на Маѓар, но истовремено го пофалија и сменетиот силен лидер. Но, Фицо ја отвори и темата за нафтоводот „Дружба“, кој е затворен по напад во Украина, прашање на кое Орбан ја темелеше својата кампања и кое дополнително се влоши со растот на цените на енергенсите поради војната со Иран.

Маѓар ја критикуваше владата на Орбан дека не успеала да ги диверзифицира енергетските извори и се залагаше за нови договори и за изградба на нова инфраструктура за нафта и гас од други извори да стигнуваат во континенталната, односно копнено затворена Унгарија.

И Бабиш и Фицо ветија дека ќе соработуваат со идниот лидер на Унгарија.

Унгарскиот пролетен ветар задува кон ЕУ

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот