Фото: Икс

Русија најави план за нови масовни напади врз Киев, вклучително и локации со дронови

Руското Министерство за надворешни работи соопшти дека планира нов бран масовни ракетни напади со долг дострел врз Киев, вклучително и врз „центри за донесување одлуки“, во она што Москва го нарече одмазда за украинскиот напад во Луганск. Русија тврди дека бил погоден студентски дом, додека Украина вели дека целта била руски центар за контрола на дронови, пренесува Киев индепендент.

Заканата дојде само еден ден по еден од најголемите масовни напади со ракети и дронови врз украинската престолнина, во кој загинаа две лица, а повеќе од 80 беа повредени, при што напади беа регистрирани во речиси сите делови на градот.

„Руските вооружени сили спроведуваат систематски напади врз претпријатија од украинскиот воено-индустриски комплекс во Киев“, се наведува во соопштението на руското Министерство за надворешни работи.

Оттаму посочија дека нападите ќе вклучуваат „конкретни локации каде се дизајнираат, произведуваат, програмираат и подготвуваат дронови за употреба на киевскиот режим со помош на специјалисти од НАТО кои се одговорни за снабдување, разузнавање и таргетирање“.

„Нападите ќе ги таргетираат и центрите за донесување одлуки и командните пунктови“, се додава во соопштението.

Како што пишува Киев индепендент, странски државјани, вклучително и дипломати, беа повикани да го напуштат градот, додека украинските цивили беа повикани да се држат подалеку од „воена и административна инфраструктура на режимот на Зеленски“.

Украинскиот министер за надворешни работи Андриј Сибиха изјави дека Украина „не треба да потклекне на ова руско уценување“, повикувајќи на „пропорционален“ западен одговор, вклучително и дополнителна помош и санкции.

„Путин мора да разбере дека нема да постигне ништо со воени средства“, додаде тој.

Неколку часа по руското соопштение, американскиот државен секретар Марко Рубио разговараше телефонски со рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров.

Ноќта на 22 мај, украински дронови наводно погодија образовна установа во градот Староблиск во областа Луганск, кој е под руска окупација од првите недели на војната.

ВИДЕО | Украински дрон погоди училиште во Луганск, загинаа четворица

Според Москва, 21 лице, меѓу кои и деца, биле убиени, а десетици повредени во нападот врз студентски дом и соседна зграда на педагошкиот колеџ во Старобилск.

Путин тврди дека 16 украински дронови, пристигнати во три бранови, ги погодиле зградите, кои, според него, не биле опкружени со воени цели.

Украинската војска ги отфрли овие тврдења како „заведувачки информации“, нагласувајќи дека строго го почитува меѓународното хуманитарно право и напаѓа само воена инфраструктура. Генералштабот на Украина соопшти дека бил погоден команден објект на елитната руска единица за дронови „Рубикон“.

Според податоци на ОН, цитирани на 22 мај, Русија има убиено најмалку 15.850 украински цивили, меѓу кои 791 дете, од почетокот на целосната инвазија. Реалните бројки се смета дека се повисоки поради недостиг на независна проверка, особено за време на опсадата на Мариупол.

Набргу по говорот на Путин, во кој нареди подготовка за одговор, Русија започна еден од најразорните масовни напади врз Киев, со околу 90 ракети и 600 дронови. Во истиот напад за првпат бил користен и ракетниот систем „Орешник“ со среден дострел.

ВИДЕО | Русија го нападна Киев со 600 дронови и со 90 ракети — Зеленски обвинува дека бил употребен „Орешник“

Според Киев индепендент, Русија често ја користи реториката на „одмазда“ за оправдување на големи напади, иако ја започна војната против Украина.

И покрај тоа што има капацитет, Русија досега најчесто се воздржува од напади врз најважните владини згради во Киев.

На 15 мај, украинскиот претседател Володимир Зеленски предупреди дека Русија планира напади врз „центри за донесување одлуки“, вклучително и зградата на претседателската канцеларија во центарот на Киев. На 15 мај беше прогласен Ден на жалост во Киев по масовните руски напади.

Билансот на мртви од руските напади на Киев се искачи на 24, од кои три се деца

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот