Русија испраќа порака: Украина може да добие гаранции, но мора да остане неутрална

Решението за војната во Украина би можело да се најде релативно брзо доколку се земат предвид трите прашања што Русија ги смета за клучни, изјави Кирил Дмитриев – специјален претставник на Кремљ и извршен директор на Рускиот фонд за директни инвестиции, кој моментално престојува во САД.

Во интервју за „Фокс њуз“, Дмитриев нагласи дека и САД, и Украина, и Русија „разбираат какво може да биде решението“ и изрази надеж дека ќе биде постигнато во разумен временски период.

На прашањето да појасни на што конкретно мисли, тој посочи три елементи што, според Москва, се од суштинско значење.

„Прво, постојат безбедносните гаранции за Украина – Русија е подготвена да разговара за тие гаранции. Второ, тука е територијалното прашање, во областите каде има руско население кое, како што тврдеше, било нападнато од украинските сили уште пред почетокот на конфликтот. И трето, прашањето за неутралноста на Украина, кое е клучно за безбедноста на Русија“, рече Дмитриев, додавајќи дека „не се толку многу прашања на маса“ и дека, со дипломатски пристап, решение може да се најде „прилично брзо“.

Претставникот на Кремљ упати и пофални зборови за поранешниот американски претседател Доналд Трамп, наведувајќи дека за време на неговиот мандат бил постигнат значаен напредок во обидите за деескалација на конфликтот.

„Пред сè, претседателот Трамп спречи ескалација што можеше да доведе до Трета светска војна. Второ, обезбеди прв прекин на огнот кога станува збор за нападите врз термалната и енергетската инфраструктура. И трето, тој навистина ја разбираше руската позиција“, изјави Дмитриев.

Во претходен разговор за Си-Ен-Ен, тој потврди дека средбата меѓу Трамп и Путин не е откажана, туку само одложена, нагласувајќи дека „дипломатите треба добро да ја подготват“.

„Мислам дека средбата е одложена, не откажана“, рече тој.

Дмитриев се осврна и на украинскиот претседател Володимир Зеленски, кого го пофали затоа што, според него, „веќе признава дека станува збор за фронтовските линии“, што е промена во однос на неговата претходна позиција дека Русија треба целосно да се повлече од Украина.

„Тоа покажува дека сме доста блиску до дипломатско решение што би можело да се постигне“, заклучи Дмитриев.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот