Русија индоктринира украински деца — како Путин ја гради својата пропагандна машинерија?
Преку милитаризираното движење „Јунармија“ и програмата „Јункор“, Русија инвестира милиони за да ги научи младите од Херсон и Доњецк како да војуваат на информативниот фронт, бришејќи го нивниот украински идентитет во замена за кариера во државните медиуми.
Хеническ, мало одморалиште на Азовското Море, е едно од првите украински населени места што падна под руска контрола. Додека тенковските колони продираа северно од окупираниот Крим во првите денови од инвазијата во февруари 2022 година, околу 19.000 луѓе одеднаш се најдоа под руска окупација. За една локална тинејџерка, тоа беше почеток на животна преориентација, пишува американската организација ОККРП.
Препорачано
Доцна во ноќта во летото 2023 година, пет тинејџери од окупираниот регион Доњецк се качиле на воз во Ростов на Дон, упатувајќи се кон Москва. Кога Русија ја започна војната во 2014 година, тие беа деца. Сега, тие се идни воени кореспонденти кои учат како да ја пренесуваат пропагандата на Кремљ за руските воени операции.
Нив ги придружува 44-годишниот Алексеј Линев, наредник кој води единица со фрлачи на гранати, а во Украина е осомничен за воени злосторства поради неговата улога во милитаризацијата на децата на окупираните територии.
Помалку од една година подоцна, руските медиуми објавија дека тој загинал во борба. Во меѓувреме, три други групи тинејџери од други окупирани региони веќе патуваа кон руската престолнина на првиот национален медиумски форум „Млад кореспондент“.
Што се „Јунармија“ и програмата „Јункор“?
Медиумскиот форум е само еден дел од програмата „Млади кореспонденти“ (на руски скратено „Јункор“). Иако наликува на новинарски клуб, нејзината мисија е јасна. Таа е организирана под покровителство на „Јунармија“ (Млада армија), милитаризирана младинска организација поддржана од руското Министерство за одбрана.
Нејзините цели вклучуваат поттикнување на „интелектуалниот, моралниот и физичкиот развој“ на помладите генерации, додека истовремено ги подготвува за исполнување на нивните граѓански и воени должности кон државата. „Ти и јас сме судени да ѝ служиме на Русија“, гласат стиховите од химната на Јунармија.
Владислав Головин, раководител на Генералштабот на Јунармија, во 2025 година му поднел извештај на претседателот Владимир Путин во кој навел дека 12.000 членови на Јунармија веќе зеле учество во војната против Украина.
Од организацијата тврдат дека бројат над 2 милиони членови и дека се присутни во сите 89 официјални региони на Русија, кои ги вклучуваат и окупираните украински територии. Според украинскиот Центар за национален отпор — тело формирано од Силите за специјални операции на украинската војска за координација на цивилниот отпор — повеќе од 5.500 украински деца биле членови на Јунармија во 2025 година.
Од основањето во 2017 година, програмата „Јункор“ порасна на околу 5.000 учесници. Внатрешните документи до кои дојдоа новинарите покажуваат дека во 2023 и во 2024 година во окупирана Украина имало околу 140 активни членови. Документите откриваат и дека во 2024 година биле потрошени 119.000 долари за „Јункор“, додека целата организација „Јунармија“ побарала над 6 милиони долари од владата во 2023 година.
„Победа во информативната војна“
Уште од првото предавање, на учесниците им се става до знаење дека се обучуваат за војници
– Нашиот интернет простор во моментов е вистинско бојно поле – вели раководителката на прес-службата на „Јунармија“, Ксенија Барладјан.
Таа бара од децата да создаваат „патриотска содржина“ како придонес за „победа во информативната војна“.
Терминот „воекор“ (воен кореспондент) се повторува десетици пати во текот на наставната програма.
Предавачите вклучуваат познати фигури од руските државни медиуми, како Регина Орехова, која сними документарни филмови од окупираните територии, прикажувајќи ја инвазијата како „благослов“ за локалното население.
Украинските експерти за човекови права тврдат дека ова е прекршување на меѓународното право. Онисија Синиук од Центарот „ЗМИНА“ нагласува дека окупаторската сила нема право да инсталира свој образовен систем и дека пропагандата во окупираните територии е еднаква на принуда за регрутација.
Од вишиванка до руска униформа
На 23 февруари 2021 година, Катерина, тогаш 12-годишна ученичка во Хеническ, сними видео облечена во традиционална украинска кошула – вишиванка, зборувајќи за важноста на мајчиниот украински јазик.
По окупацијата, работите драстично се сменија. На 23 февруари 2023 година, Катерина беше видена во редовите на „Јунармија“. Нејзините видеа почнаа да се појавуваат на проруски канали на „Телеграм“.
– Рускиот народ бара обединување на целата нација под заштита на Русија од агресијата на западните земји – вели таа во едно од видеата со забележлив украински акцент.
Денес, Катерина е заменик-регионален раководител на организацијата во Херсонската област и добитник на грант од 10.500 долари за обука на нови членови. Нејзиниот лик дури е овековечен и на мурал на административна зграда во Хеническ.
„Нема граница за нашата омраза“
Додека содржините на Катерина се претежно „позитивни“, друга тинејџерка од истиот регион, Марина, покажува многу поагресивен пристап.
По нападот со дрон врз едно село, таа напиша: „Таквите луѓе не се судат, тие се уништуваат, се палат како чума“.
Марина е ќерка на руски војник со прекар „Мала пегла“ кој се бори на фронтот. Таа ја предводи локалната единица на „Јунармија“ која издава свој весник „Јунармија Правда“. Речиси секоја статија е за војната — од јунаците на Сталинград до современите руски воени болничари.
Во Луганск, пак, 18-годишниот Елисеј Карченко се појавува во видео каде се чита писмо од советски војник од Втората светска војна: „Нема граница за нашата омраза… да се убива, убива и убива“.
Видеото имплицитно ја изедначува денешна Украина со нацистичкиот режим.
Учесници или жртви?
Главниот проблем што го истакнуваат психолозите е тоа што адолесцентите се во фаза кога бараат припадност и лесно се под влијание на околината. Во отсуство на алтернативни перспективи, тие го прифаќаат доминантниот наратив за да се чувствуваат прифатени.
– Детето нема автономија; тоа не може да му се спротивстави на светот на возрасните – вели Јулија Тукаленко, психолог од Киев.
За правниците, ова е дел од систематски план за уништување на украинскиот идентитет на децата, користејќи ги како алатка во војната што ја уништи нивната иднина.


