Фото: Монтажа / Икс

ВИДЕО | Русија изврши масовен напад со 200 дронови врз Одеса – повредени се 18 луѓе, оштетени се згради

Меѓу повредените во Одеса има и 17-годишно момче, а двајца се на интензивна нега во критична состојба, изјави шефот на локалната воена администрација, Серхи Лисак.

Руски дронови ноќеска го нападнаа јужниот украински град Одеса, по вторпат оваа недела, при што се повредени најмалку 18 луѓе и оштетени се згради, објави „Ројтерс“.

Нападите предизвикаа најголема штета во централниот округ Приморски, каде што се оштетени повеќекатници и петкатни станбени згради, изјави шефот на локалната воена администрација, Серхи Лисак.

Нападите предизвикаа големи пожари на горните катови и на покривот на една од зградите, кои во меѓувреме се локализирани, објави Лисак на „Телеграм“.

Службите за итни случаи соопштија дека бројот на повредени сè уште може да се промени додека траат операциите на терен. Одеса, како главно пристаниште на Црното Море и клучна точка за украинскиот извоз, е честа мета на руските напади во текот на повеќе од четиригодишната војна. Претходно, во нападот завчера беа повредени 14 луѓе.

Украинските воздухопловни сили соопштија дека Русија истрелала една балистичка ракета и 206 беспилотни летала кон земјата од вчера попладне, од кои 172 дронови биле соборени или неутрализирани. Една ракета и 32 дрона погодиле 22 различни локации, се додава во извештајот.

Лисак информираше дека меѓу повредените има и 17-годишно момче, а двајца луѓе се на интензивна нега во критична состојба. Тој додаде дека зграда на градинка е значително оштетена, а пријавени се штети и во трговски центар, хотел и во административни простории.

Руски дронови удрија врз Одеската област, оштетена е трафостаница

На фотографиите, објавени од локалните власти, се гледаат пожари во станбени блокови и густ чад што се издига над градот. Дополнително, десетици автобуси и автомобили биле уништени или оштетени на неколку паркинзи.

Во друг дел од градот, забележани се удари врз инфраструктурни објекти, магацини и гаражни простории.

Вниманието на САД кон Блискиот Исток го намалува притисокот врз Русија, тврди Зеленски

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот