Руфати: Нема да се откажеме, оваа репрезентација има добра шанса и треба да ја искористиме!

Првиот дуел ќе го имаат со Франција/фото: ffm.mk

Треба да бидеме концентрирани на сите мечеви, на задачите, да бидеме одговорни – вели нашиот дефанзивец.

Македонската млада У21 репрезентација ги одржува шансите за пласман на наредното Европско првенство, храбра и добра игра против актуелниот европски шампион во Скопје и покрај минималниот пораз (0:1), но се врати доброто расположение со гостинскиот триумф во Торшавн кај Фарски Острови (1:2).

Моментно во квалификациската група „6“ на првата позиција е Шпанија со 16 бодови од шест натпревари, а на делба на второто место се Казахстан и Македонија со по 10 бодови, со напомена дека Казахстан има еден меч повеќе од нас, вкупно седум.

На четвртата позиција е Израел со осум бодови од шест натпревари, Црна Гора од седум мечеви има седум бодови, а Фарски Острови од шест натпревари има три бодови. Последните две репрезентации немаат повеќе шанси да дојдат до првата позиција, но и натаму со шанси да дојдат до второто место.

Македонските надежи го освоија Торшавн, важни три бода на патот кон ЕП!

Потсетување сите победници од квалификациските групи, како и пет најдобровторопласирани ќе се најдат на континенталниот собир. Избраниците на селекторот Благоја Милевски ќе се обидат на најдобар можен начин да се борат за местата кои водат на ЕП.

Одбранбениот играч на македонската млада У21 репрезентација, Агрон Руфати вели дека нашата репрезентација можеше и може многу подобро во овие натпревари…

– Од првиот натпревар не сме задоволни само од резултатот, бидејќи знаеме дека можевме и требаше подобро. За жал, Шпанците беа подобри, тие го реализираа нивниот пенал, а ние не го искористивме нашиот. Бевме подобри во сите сегменти што се однесува до играта, позиционирање, тактика и концентрација. Го дадовме максимумот, оставивме срце на терен, но на крајот недостасуваше малку среќа на наша страна – ни изјави Руфати.

фото: ffm.mk

Против Фарските Острови во Торшавн македонските фудбалски надежи ја забележаа третата победа во овој квалификациски циклус.

– На вториот натпревар задоволни сме од победата, можевме и подобро од аспект на реализацијата, имавме шанси за поголемо водство во првото и во второто полувреме, но кога не сака, не сака. Не заслуживме да се бориме така до последната секунда, но на крајот најважен е резултатот. Сите сме еднакво заслужни за резултатите од нас играчите, тренерот и стручниот штаб – додаде нашиот репрезентативец.

Сите останати четири дуели се годинава, на 8 октомври е гостувањето кај Казахстан, пет дена подоцна дома го очекуваме Израел. Против Израелците на 12 ноември на гостински терен, а завршуваме на домашен терен против Црногорците на 17 ноември.

– На секој натпревар одиме 120% и на секој гледаме исто, никој не е подобар од нас. Се концентрираме на нашата работа и барањата кои нам селекторот ни ги дава и се обидуваме што подобро да ги исполниме и го покажеме тоа на теренот. Имаме многу добра шанса и мораме да ја искористиме. Нема да се откажеме, треба да бидеме концентрирани на сите мечеви, на задачите, да бидеме одговорни. Само така можеме да успееме да ја оствариме својата прва цел, а тоа е пласман понатаму – се зборовите на Руфати.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот