Рок за државната матура: Средношколците до 5 март да ги пријават испитите што ќе ги полагаат

Фото: mia.mk

Наместо три екстерни и еден интерен, средношколците во завршна година ќе полагаат два екстерни и два интерни испита и проектна задача на државната матура и најдоцна до 5 март треба повторно да ги регистрираат птредметите што ќе ги полагаат.

На средбата со премиерот Зоран Заев, Средношколски сојуз договори да имаат два наместо три екстерни испити, со тоа што третиот екстерен испит се симнува на ранг на интерен, заедно со другиот интерен што веќе го имаат за полагање. Наместо од 29 мај, полагањето на државната матура е одложено за една недела подоцна и испитната сесија ќе почне од 5 јуни.

Програмите за екстерните испити ќе бидат скратени и за тоа ќе одлучува работна група составена од претставници од Бирото за развој на образованието, од Сојузот и од наставници номинирани од него, а со работната група ќе претседава претставник од Кабинетот на премиерот. Целиот процес треба да заврши до средината на март.

Со постигнатиот договор, се прифаќаат барањата на Сојзуот на средношколци – наставниците да ги споделат материјалите за интерните испити и базата на прашања најдоцна три недели пред денот на испитот и тие да содржат најмалку 60, а најмногу 100 прашања. Ќе се зголеми коефициентот кај несоодветниот екстерен испит од 0,5 на 0,9, односно од 5 на 9 поени.

Првиот екстерен испит (мајчин јазик) треба да биде сметан за соодветен од сите високообразовни институции во земјава, а Државниот испитен центар да овозможи Естетика и Филозофија (кои досега беа во листата за третиот екстерен испит) да бидат втор екстерен за матурантите во средните уметнички училишта.

Се прифати и промена во начинот на добивање на поените за интерните испити, па, предвид ќе се земат оценката од испитот и просекот по предметот како основа за добивање на поените. Универзитетите, пак, треба да објават кои од листата на наставни предмети се соодветни за нивните студиски програми.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот