РОДИТЕЛИ еве како да му ПОМОГНЕТЕ НА ВАШЕТО ДЕТЕ со домашните задачи

profimedia

Домашната работа е важен дел од образованието, но не само тоа. Ако детето од мало се научи правилно и навреме да си ги завршува задачите и обврските, тоа добива работна навика и дисциплина, кои ќе му помогнат во понатамошното развивање на неговата личност. Затоа е особено важно уште од мало детето да ја разбере важноста на домашната работа, а вие сте единствените кои можете да му помогнете.

Еве неколку совети како да му помогнете на вашето дете да не чувствува одбивност кон домашната работа и тоа да му стане обврска која задолжително да си ја исполнува без исклучок.

Обезбедете му тивко и мирно место. На вашето дете му е потребна концентрација за да ја напише правилно домашната работа за на училиште, а за да се концентрира му се потребни мир и тишина. Ако тоа нема своја соба, во која ќе може да учи без да биде прекинувано, ваша обврска е да му обезбедите место во куќата каде никој нема да го вознемирува. Исклучете го телевизорот и сите други занимливи нешта кои можат да му го привлекуваат вниманието.

Обезбедете му го потребниот прибор. Вие треба да се заинтересирате и да дознаете што сè му е потребно на вашето дете за на училиште. Целиот прибор купете му го однапред, за детето да има се кога ќе му притреба.

Помогнете му на вашето дете да си го организира времето. Определете во колку часот ќе започнува со својата домашна работа и погрижете се тоа да се придржува кон тој распоред. Оставете го да се релаксира неколку часа откако ќе се врати од училиште и потоа нека започне времето за учење.

profimedia

Имајте позитивен став кон домашното. Кажувајте му на своето дете колку е важно да си ја пишува домашната работа точно и навреме и колку е важно образованието за оформувањето на личноста. Детето се учи од вас, па ќе го преземе како точно и правилно вашето однесување и став за домашната работа.

Надгледувајте го. Додека вашето дете ја пишува својата домашна работа, вие треба да бидете во близина. Тоа не значи да висите над него или да работите со него постојано. Сепак, кога ќе му е потребна помош вие треба да сте во близина за да му помогнете.

Кога детето пишува домашна работа, правете и вие нешто слично. Покажете му на вашето дете дека тоа што го учи на училиште, ќе наоѓа примена во неговиот живот кога ќе порасне. Ако вашето дете чита, читајте и вие. Ако решава задачи по математика, пресметувајте ги сметките за одржување на домот.

Насочувајте го кон одговорите, но не му ги давајте на готово. Кога детето ќе побара помош, некои родители му го кажуваат веднаш одговорот, затоа што мислат дека на тој начин ќе му олеснат и помогнат. Но, тоа е грешен начин. Родителот треба да го упати детето каде да прочита да си го разјасни учебниот материјалот или да го поучи како да размислува за да дојде до одговорот само.

Бидете информирани. Додека вашето дете е мало, редовно разговарајте со неговата учителка или учител за да знаете што се бара од него под формата на домашна задача. Ако неговиот учител побара од вас да му помагате на детето – направете го тоа или ако ви рече да го оставите само да се справува со некоја задача – послушајте го.

profimedia

Проверувајте му го домашното и давајте му совети. Кога детето ќе заврши со пишувањето или учењето, вие треба да го проверите. Проверете ги задачите или направете му квиз тест за да проверите колку добро го совладало материјалот. Дајте му совети. Ако не му е убав ракописот речете му дека учителот подобро би го разбирал кога би пишело поубаво. Така нема да делувате строго и верувајте детето ќе се потруди да си ја поправи грешката.

Наградете го. Кога ќе се осигурите дека детето ја напишало домашната работа точно и го научило целиот материјал, ваша задача е да го наградите. Дали тоа ќе биде вербално (комплименти за добро свршената работа) или на друг начин (видео игри, телевизија, пица) треба да одлучите сами. Но, во секој случај на детето му е потребен стимул.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот