Џејмс Камерон - Фото: Принстксрин/Јутјуб

ВИДЕО | Режисерот на „Титаник“ и „Аватар“ објасни зошто ја напуштил Америка: „Го направив тоа за моето ментално здравје“

Познатиот режисер Џејмс Камерон откри дека начинот на кој Нов Зеланд се справувал со пандемијата на ковид-19 бил клучната причина поради која одлучил да се пресели од Соединетите Американски Држави. Во ново интервју за емисијата „In Depth with Graham Bensinger“, Камерон изјави дека одлуката ја донел „поради сопственото ментално здравје“, додавајќи дека животот во САД во последните години за него бил исклучително исцрпувачки.

Говорејќи претходно за британскиот магазин „Стаф“, режисерот, кој голем дел од најновиот филм од франшизата „Аватар“ го снимал на јужната хемисфера, престојот во Америка за време на владеењето на Доналд Трамп го опиша како „гледање сообраќајна несреќа одново и одново“.

Тој откри и дека добивањето државјанство на Нов Зеланд е „прашање на време“, пренесува „The Guardian“.

Камерон и неговата сопруга уште во 2011 година купиле фарма во Нов Зеланд, а по пандемијата донеле одлука таму трајно да се населат.

„Нов Зеланд целосно го елиминираше вирусот. Всушност, тоа го направија двапати. Третиот пат, кога се појави мутирана верзија, вирусот успеа да се прошири, но тогаш веќе имаа стапка на вакцинација од 98 отсто“, објасни режисерот.

Тој нагласи дека токму тоа е причината зошто ја сака оваа земја.

„Луѓето таму се, во најголем дел, разумни. За разлика од САД, каде што стапката на вакцинација беше 62 отсто, а сега дури и опаѓа. Каде би сакале да живеете? Во земја што верува во науката и знае да работи заедно, или во земја што е екстремно поделена, свртена против науката и би била во целосен хаос ако се појави нова пандемија?“, изјави Камерон.

Со оваа одлука, Камерон им се приклучи на сè поголем број познати личности од филмската индустрија кои ги напуштаат САД, а како причина го наведуваат и вториот мандат на Доналд Трамп во Белата куќа.

Меѓу нив се и Џорџ Клуни, кој неодамна доби француско државјанство, Џим Џармуш, кој исто така аплицирал за истото, Елен Деџенерис, која се пресели во Обединетото Кралство, како и Рози О’Донел, која замина во Ирска.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот