Ревидирана фискалната стратегија: Невработеност од 12,4% за пет години

На среден рок се проектира просечната стапка на економски раст да достигне 5%, невработеноста да се намали на 12,4%, додека стапката на вработеност да се искачи на 52,1%. Нето-платата во следните пет години се очекува да расте до просечна стапка од 4%. Извозот, по надминување на ковид-кризата, од следната година се очекува да расте со двоцифрени стапки. Овие проекции се дадени со ревидираната Фискална стратегија, која за првпат дава проекција за 5 наместо 3 години, во насока на подолгорочно планирање, информира Министерството за финансии.

Во фискалната стратегија се наведува дека од следната година, економскиот раст во земјата се очекува да премине во позитивната зона, во услови  на закрепнување на инвестициите, потрошувачката и надворешната побарувачка, при што за 2021 е проектиран раст од 4,1% согласно основното сценарио, кое претпоставува слабеење на здравствената криза и етапно подобрување на епидемиолошката слика, повисока искористеност на производствените и услужните капацитети, поволни ефекти од економските мерки, како и зголемена доверба кај потрошувачите и инвеститорите.

Во стратегијата се наведува дека редизајнирањето на буџетската политика и политиките насочени кон економско заздравување и забрзан раст (SmartER Growth) се цврста основа за забрзување на економскиот раст во наредниот период, враќање на економијата на преткризната патека на раст во втората половина на 2022 година и обезбедување на побрза динамика на економски раст потоа. Така, согласно основното среднорочно сценарио, просечниот годишен раст во периодот 2022-2025 година се проектира на 5,3%, односно економскиот раст во 2025 година се очекува да достигне 5,9%.

Согласно Фискалната стратегија се очекува извозната активност, со исцрпување на неповолните економски ефекти од пандемијата и повисока искористеност на производствените капацитети на домашните компании, како и поради ниската споредбена основа, да забележи раст од 14% во 2021 година. Кон ова се очекува да придонесе и проектираниот раст на надворешната побарувачка во услови на позитивни изгледи за економската активност во ЕУ и останатите трговски партнери на земјата. На среден рок, во услови на очекувано стабилизирање на растот на надворешната побарувачка и зголемување на извозниот потенцијал во земјата преку прилив на СДИ, извозот се очекува да има солиден придонес врз економскиот раст, односно е предвидено да забележи просечен годишен раст од 9,1% на реална основа во периодот 2022-2025 година.

Реалниот раст на бруто-инвестициите, во стратегијата, е проектиран на 7,7% во 2021 година, а во периодот 2022-2025 година бруто-инвестициите се очекува да забележат просечен годишен раст од 8,5%, при што значајно влијание врз инвестициите е предвидено да имаат планираните инвестиции на јавниот сектор, зголемената поддршка за развој на приватниот сектор и зајакнување на конкурентноста, враќањето на довербата на деловните субјекти и поинтензивниот прилив на СДИ, поттикнат и од членството на земјата во НАТО.

Од следната година се очекува раст и кај приватната и кај јавната потрошувачка и тоа за приватната потрошувачка е предвидено да забележи реален раст од 3,5% во 2021 година, а во периодот 2022-2025 година, проектиран е просечен годишен раст од 4%. Растот на јавната потрошувачка е проектиран на 4,3% во 2021 година, а во периодот 2022-2025 година просечен раст од 1,5% – што се должи на напорите за намалување на несуштинските расходи и нивно рационализирање и спроведување на процес на фискална консолидација.

Според проекциите, во периодот 2021-2025 година се очекува просечен раст на бројот на вработени од 2,2%. Растот на побарувачката во овој период се очекува да се одрази и врз понудата на работна сила, која е проектирано годишно да се зголеми за 1,2% во просек. Ваквите движења на пазарот на трудот ќе придонесат просечната стапка на невработеност во 2025 година да се намали на 12,4%, додека просечната стапка на вработеност да се зголеми на 52,1%.

Предвидено е и етапно менување на структурата на буџетските расходи во насока на зголемување на уделот на капиталните инвестиции. 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот