„Речникот на хомонимите во македонскиот јазик“ ќе има промоција пред КИЦ-Скопје

Книгоиздателството „Ми-Ан“ на 12 јули, со почеток во 19 часот, во „Култ парк“ (паркот пред КИЦ-Скопје) ќе го промовира „Речникот на хомонимите во македонскиот јазик“ од Емил Ниами.

„Речникот на хомонимите во македонскиот јазик“ e уште еден прв речник, овојпат на оние зборови што по својот графиски израз се идентични, но по своето значење се сосема различни. Ова е уште еден пионерски труд, чија важност ги надминува рамките на лингвистичката теорија. Во однос на македонистиката, овој речник го става македонскиот јазик на мапата јазици што имаат фиксирање на јазичните разновидности во речници. Во однос на општата јавност, ваквите трудови помагаа за афирмирање, доближување и развивање за јазикот. Сепак, можеби најважна е неговата употребна вредност за писателите, новинарите и сите чија секојдневна алатка е јазикот, зашто ваквите трудови се нивен важен секојдневен прирачник, посочуваат од „Ми-Ан“.

Промотори на „Речникот на хомонимите во македонскиот јазик“ ќе бидат Красимира Илиевска и Симона Груевска Маџоска, а модератор на настанот е Мишел Павловски.

Авторот Емил Ниами е роден во 1977 година во Скопје. Во 1999 година дипломирал на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ во Скопје на групите за Руски јазик и книжевност и Американски студии. Во 2007 година ја одбранил магистерската дисертација „Паронимите во македонскиот во споредба со рускиот јазик“. Истата година заминува како лектор по македонски јазик на Московскиот државен универзитет „М.В. Ломоносов“. Во 2010 година ја брани докторската теза „Антонимите во рускиот во споредба со македонскиот јазик“.

Од 2015 година Ниами работи во Рускиот центар при УКИМ. Негово поле на интерес се лексикологијата, лексикографијата, традуктологијата и социолингвистиката. Емил Ниами е автор на првиот Речник на паронимите во македонскиот јазик и на првиот Речник на антонимите во македонскиот јазик, за кој ја доби и наградата „13 Ноември“ за наука во 2021 година.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот