Рецепт од Стефанија Несторовска: Кокос барови во три слоја
Благодарение на вештите раце и инвентивноста на младата Стефанија Несторовска што стои зад инстаграм-профилот и блогот snestorovska.com, секогаш имаме можност да пробаме нешто интересно и несекојдневно.
Препорачано
Денеска уживајте во неповторливиот вкус на овој вкусен и здрав десерт – трипл кокос барови.
Состојки:
За основата:
– 50 грама мелени бадеми
– 30 грама кокосово брашно
– 2 лажици путер од бадеми
– 80 грама јаворов сируп
За слојот од кокос:
– 95 грама кокосови снегулки (колку поситни, толку подобро)
– 60 грама кокосово млеко (од конзерва)
– 80 грама јаворов сируп
– 2 лажици кокосово брашно
За чоколадниот слој:
– 170 грама чоколадни капки
– 60 грама кокосово млеко (од конзерва)
– 2 лажици путер од бадеми

Подготовка:
Се подготвува садот во кој ќе се направат баровите. Јас користев тава за леб, но може каков било сад што ќе служи како калап. Овие барови не се печат па може буквално каков било сад да се користи. Се поставува хартија за печење за полесно вадење на баровите.
Во длабок сад се додаваат мелените бадеми и кокосовото брашно. Се промешува.
Се додаваат и јаворовиот сируп и путерот од бадеми и се промешува сè додека не се добие соединета, леплива смеса.
Се додава смесата во садот и се израмнува за да се добие рамен, еднаков слој. Се остава во фрижидер додека се подготвува слојот од кокос.
За сојот од кокос: Во сад се додаваат сите состојки и се промешува сè додека не се соединат. Зависно од типот на кокосовите снегулки (различни брендови-различен кокос), може да е потребно да се додаде повеќе кокосово брашно или пак, млеко. Смесата треба да биде доволно цврста за да стои на базата.
Се додава кокосовиот слој врз базата и се израмнува за да биде еднаква. Се остава во фрижидер додека се подготвува чоколадниот слој.
Се додаваат сите состојки од чоколадниот слој во мало тенџерче. Се става на средно-ниска температура и се остава да се стоплат состојките, за да се измешаат убаво. Се промешува повремено. Смесата треба да биде густа и кремаста.
Се додава чоколадниот слој на кокосовиот слој – се израмнува еднакво и по желба се додава топинг одозгора. Јас користев кокосови снегулки.
Се остава во замрзнувач 30-ина минути за потполно да се зацврсти пред да се исече во барови.
Баровите може да се чуваат во ладилник до 2-3 недели или во замрзнувач до 3 месеци.


