Разочараниот Несторовски бара правда за Палермо

EPA/CORRADO LANNINO

Срѓан Ивановиќ

Екипата на Палермо за која настапуваат македонските репрезентативци Илија Несторовски и Александар Трајковски, поради финансиски малверзации е преселна во Серија Ц, трета по квалитет лига во италијанскиот клупски фудбал.

Тоа што ги разбесни навивачите на овој клуб, беше одлуката на Фудбалската федерација на Италија местото во баражот за пласман во Серија А, кое Палермо го обезбеди благодарајќи на добрите резултати сезонава, да му биде доделено на тимот на Перуџа.

По оваа одлука Палермо дефинитивно останува без пласман во најдобрата лига на Италија, бидејќи и доколку биде уважена нивната жалба, тогаш повторно и догодина оваа екипа ќе се натпреварува во Серија Б. Нормално дека тоа ги погоди фудбалерите, а најгласен од нив беше нашиот Несторовски, кој јавно го искажа своето разочарување.

– Разочарани сме, работевме напорно во една тешка сезона. Можевме да влеземе во Серија А, но ни го украдоа третото место и не ни дозволија да играме во баражот. Минатата година во слична ситуација се чекаше десет дена за жалбата на Бари, сега ни велат дека во јуни играле репрезентациите, а цела ланска сезона се играа средби без репрезентативците во Серија Б – истакна Несторовски.

Преселбата во третата лига ќе значи и дефинитивно заминување на најдобрите фудбалери на Палермо, меѓу нив и двајцата Македонци, Илија Несторовски и Александар Трајковски.

– Сега не е момент да се разговара за тоа. Факт е дека имаме превисоки плати за тим од третата лига да може да си дозволи да ги плаќа, но ќе почекаме да видиме како ќе се одвива работата. Конечниот збор ќе го има управата – порача македонскиот голгетер во редовите на Палермо.

Повеќе екипи се заинтересирани за услугите на Несторовски, но засега најконкретни во намерите да го доведат во својата екипа, се претставниците на Фиорентина.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот